„Тиквеш“ со пет годишни концерти – започнува декемврискиот серијал на фолклор во Кавадарци

Објавено: 9 декември, 2025, во 10:42 часот

Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ од Кавадарци овој декември ќе го одржи серијалот од пет Годишни концерти, со кои традиционално ја заокружува целогодишната творечка работа. Програмата ќе започне со настапите на Детскиот ансамбл, а ќе продолжи со концертите на Првиот ансамбл и рекреативната група.

Поточно, првите три концерти се посветени на Детскиот ансамбл и ќе се одржат во петок, на 12 декември од 18:00 и 19:30 часот, како и во сабота, на 13 декември од 19:00 часот. Малите играорци со шаренолика програма и со својата позитивна енергија, насмевки и изворни ора секоја година ја исполнуваат салата до последно место.

Следната недела, на 16 и 17 декември, од 19:00 часот, ќе настапат Првиот ансамбл и рекреативната група на ФА „Тиквеш“, со последните два концерти од годишната серија. Овие настапи се очекува да донесат вистински врв на фолклорниот спектакл подготвуван цела година.

Влезниците може да се резервираат исклучиво преку СМС-порака на телефонскиот број 075-347-370. Во пораката е потребно да се наведе денот, терминот на концертот, името и презимето и бројот на билети. Доколку резервацијата е прифатена, ќе биде испратена повратна СМС-порака.

Влезници може да се купат и директно во просториите на Домот на културата секој работен ден од 9 до 15 часот. Цена на билетите за детските концерти се 150 денари додека цената на билетите за концертите на Првиот ансамбл и рекреативната група е 200 денари.

Резервираните билети се подигаат во административните простории или на билетарницата најдоцна половина час пред почетокот на концертот, по што нерезервираните билети повторно се пуштаат во продажба. Остатокот од билетите се продава на билетарницата два часа пред почетокот на секој концерт.

Организаторите апелираат посетителите да ги подигнат своите билети навреме, а концертите ќе започнат точно во најавеното време.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.