Хорот „Св. Кирил и Методиј“ од Велес ќе одржи два концерти во земјата на лалињата
Објавено: 7 јануари, 2026, во 14:55 часот
Велешкиот детски хор „Св. Кирил и Методиј“ заминува ноќеска во Холандија како учесник во Еразмус проект „C. H. O. I. R“. Поточно, престојот во земјата на лалињата за велешките хористи, кои ја претставуваат Македонија, ќе се реализира од 8 до 15 јануари, годинава, со холандскиот партнер, здружение „Freedom to discover“.
-Во овој проект се вклучени двата хора, велешкиот „Св. Кирил и Методиј“ и „Zangschool“ од градот Утрехт. Во рамките на проектот, во Холандија, ќе одржиме два концерти од кои еден во соработка со Европската епархија на Македонската православна црква. Исто така, за хористите е предвидена посета и на Македонската амбасада во Хаг,“ рече диригентката професор Веселинка Маџарова.
Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ зад себе остава успешна 2025 година со околу 20 настапи кака гости на многу настани и свои целовечерни концерти, од кои еден во градот Оломуц, Чешка. Велешките хористи учествуваа и на два меѓународни натпревари, во Чешка и Македонија.
Пред заминување за Холандија, детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“, упати честитка за Новогодишните и Божиќните празници до сите граѓани на Велес.
Убавка Јаневска


