Турската писателка за деца, Ѓулшах Еликбанк на промоција во Велес – ученици на ООУ „Блаже Конески“ и приредија изненадување (видео и фото)
Објавено: 4 март, 2026, во 13:30 часот
Првата книга од серијата за Тимот од соништата е приказната „Во заседите на медуза“ на турската писателка за деца Ѓулшах Еликбанк. Таа во книгата раскажува за четворицата млади авантуристи, Џем, Гизем,Ајше и Мерт, кои според мапа трагаат по изгубено богатство. Така влегуваат во Подземен музеј, некогашен резервоар за вода изграден од царот Јустинијан и токму во него се сретнуваат со голем број на митски ликови, скулптури кои оживуваат, свет полн со магија и фантазија.

Писателката Еликбанк, денеска, лично ја промовираше својата книга пред ученици од петто одделение на ООУ „Блаже Конески“ во Велес како гостинка на Локална библиотека „Гоце Делчев“. Во разговор за Дума.мк писателката одговори на повеќе прашања поврзани со нејзиното творештво за деца.
Снежана Бошевска, директорка на Локална библиотека „Гоце Делчев“ откри како заедно со Издавачката куќа „Бата прес“ ја донесоа во Велес оваа позната писателка за деца од Турција.
Организираната промоција е полн погодок за децата во Велес и во Македонија затоа што не е голем бројот на автори кои творат за најмладата генерација на вљубеници во книгата во нашата држава , рече Филим Батковски од „Бата прес“.

Тоа што остави посебен белег на денешната промоција е што учениците од петто одделение при ООУ „Блаже Конески“, заедно со наставничката Рената Миновска, ја имаа прочитано книгата „ Во заседите на медуза“.


Тие и приредија изненадување на турската авторка кога и ја подарија нивната подготвена книга со цртежи за кои ги инспирираше токму читањето на нејзината книга. Детската желба за траен спомен секако дека предизвика емоции кај Ѓулшах Еликбанк. Таа секогаш ќе може да се сеќава дека во Велес и во Македонија има деца што читаат книги и умеат трајно да влезат во спомените како на домашните така и на странските автори.
Убавка Јаневска



