Велешкиот роднокраен поет Атанас Крлевски добитник на награда на Литературната манифестација во чест на Тоде Илиевски во Охрид
Објавено: 10 март, 2026, во 10:06 часот
Литературната манифестација во чест на Тоде Илиевски, писател за деца, се одржа во Охрид изминатата сабота на 7 март. На Конкурсот за најдобра необјавена песна за деца „ТОДЕ“ втората награда ѝ припадна на песната „Палавковци во рими“ од нашиот сограѓанин Атанас Крлевски, која според образложението на жирито, квалитетно отскокнувала од останатите пристигнати творби.
-Наградата ми е посебно драга поради долгогодишното познаство со Тоде Илиевски. Го познавав, не само преку поезијата, туку и преку енигматиката и шаховската композиција. За жал имавме малку средби во живо. Нека трае оваа убава манифестација, за со неа да живеат и делата на Тоде! Наградата ќе му биде поттик да ја довршам започнатата стихозбирка за деца под работен наслов „Стиховни насмевки“, изјави Крлевски за Дума.мк.

На конкурсот не е доделена прва награда, а третата награда им припадна на Соња Манасиевска – Конеска за песната „Дедо Медо болен лежи“ и на Ели Маказлиева за песната „Волшебно будење“.
Наградените песни ќе бидат објавени во дванаесеттиот број на електронското списание за книжевност и друга уметност „(е)Лит“ – Охрид.
Убавка Јаневска

