„Математиката не е само бројки туку уметност и забава“ прикажаа учениците од велешките основни училишта на „Денот на бројот Пи (3,14)
Објавено: 23 март, 2026, во 10:11 часот
Настанот беше организиран во чест на Меѓународен ден на бројот Пи(3,14) и реализиран како завршен на заедничка работа на учениците и наставниците од сите основни и средни училишта во Општина Велес, вклучувајќи го и ученичкиот дом. Домаќин на завршен настан од „Денови на математиката“, годинава, беше ООУ „Блаже Коневски“.

-На настанот преку креативни изработки учениците раскажаа дека математиката не е само бројки, туку уметност и забава. Во текот на неколку денови, изминатата недела, беа реализирани различни заеднички работилници како што се „Пи авантура“, „Математика во круг – Приказна за Пи“, „Слатка математика“ потоа квиз натпревари на теми „Математиката каква што не ја познавате“ и „ Математички милионер“. Исто така се одржа и Семинар по математика со учество на учениците од средните училишта на две работилници: „Тајни пораки со Карданова решетка“ и „Бесконечност на хартија – Уметност на фракталите“ на Природно – математички факултет во Скопје, рече Мира Ташкова наставничка по математика.
Деновите на математика ги организираше Здружение на математичари на Велес со поддршка на Општина Велес.
Убавка Јаневска


