Заедничка акција за поефикасна заштита од семејно насилство во локалната заедница

Објавено: 23 март, 2026, во 12:50 часот

Претставници на Сектор за внатрешни работи Велес, на Меѓуопштински центар за социјална работа, на Здравственен дом и на општина Велес дискутираа на округла маса за унапредување на системот за заштита на жртвите на семејно насилство.

Тие беа поттикнати од презентирани наодите од спроведените интервјуа со институции во рамки на проектот „Медиумите на заедницата за граѓански ангажман „Трансформирање на општествените барања во општествена акција“ финансиран од Институтот за истражување РЕСИС, Скопје со средства од Европската унија. Дискусијата  овозможи да бидат идентификувани клучни предизвици како што се потребата од подобра меѓуинституционална координација, зајакнување на човечките ресурси, континуирана едукација на кадарот, како и обезбедување соодветни услови за прием и поддршка на жртвите.

Особен акцент беше ставен на значењето на координиран и сензитивен пристап кон жртвите, како и на потребата од воспоставување поефикасни механизми за соработка и размена на информации помеѓу институциите.

Како резултат на дискусијата, беа предложени конкретни мерки насочени кон унапредување на институционалното постапување, вклучително и иницијатива за формирање меѓуинституционална работна група, организирање редовни обуки за стручниот кадар и подигнување на јавната свест.

Присутните ја истакнаа важноста од заедничко делување и континуирана соработка, со цел обезбедување навремена, ефикасна и сеопфатна заштита на жртвите.

Овој настан претставува значаен чекор кон градење посилен и пофункционален систем за превенција и справување со семејното насилство, базиран на партнерство, доверба и заедничка одговорност.

Округлата маса се одржа во сала на Центар за развој на Вардарски плански регион и беше организирана од Организација на жени на Општина Велес како грантист на Институтот за истражување РЕСИС која претходно со новинарот Орце Костов ја подготвија истражувачката приказна Растат пријавите за семејно насилство во велешко, но жртвите сѐ уште се без соодветна заштита.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.