Лишен од слобода возач од Пепелиште, бил пијан а не смеел да вози автомобил – со „југо“ удрил и повредил пешак во селото
Објавено: 13 април, 2026, во 12:01 часот
Сообраќајката се случила, вчера попладне, нешто пред 14:00 часот, во неготинското село Пепелиште. Тогаш Л.Д (55) управувајќи патничко возило „југо“ со неготински регистарски ознаки, удрил во пешакот Р.М.(62) од истото село. Во незгодата пешакот се здобил со телесни повреди, констатирани во Итна медицинска помош Неготино.
„Полициски службеници на Одделение за внатрешни работи Неготино го лишија од слобода Л.Д.(55) откако по преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека тој бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2.76 промили алкохол во крвта и возилото го управувал со активна забрана за управување возило,“ соопшти Сектор за внатрешни работи Велес.
Оттаму додадоа дека по насоки од јавен обвинител, Л.Д бил задржан во полициска станица, возилото било одземено и по целосно документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Убавка Јаневска




