Талентираната cредношколка Ива Ракиџиева победи на Меѓународен музички натпревар во Штип, во категорија „Поп и џез“ изведби (видео)
Објавено: 27 април, 2026, во 11:16 часот
Којничкото музички талентирано девојче Ива Ракиџиева продолжува да жнее награди. Ракиџиева победи на VI Меѓународeн натпревар „Сергеј Михајлов“ во Штип во жанрот „Поп и Џез“ музика. Таа од стручното жири освои максимални 100 бодови за интерпретациите на песните „Бато“ на Калиопи и „Илјада и три“ на Тамара Тодевска. Натпреварот се одржа во дворот на Дом на култура „Ацо Шопов“.
Еве како испеја Ива, вчера, на овој веќе реномиран музички меѓународен натпревар во Штип:
Ден откако победи, Дума.мк. ја прашаше Ракиџиева како е задоволна од настапот и кои впечатоци ги понесе, имаше ли голема конкуренција?
-Јас ги изведов двете композиции најдобро што умеам. На настапот се вложив максимално и се концентрирав да отпеам интонативно точно а во исто време да покажам и се што досега сум научила од моите ментори. За впечатоците најдобро е да ги соопштат тие што беа присутни. По настапот и особено по соопштувањето на резултатите ми пријдоа повеќе луѓе од музичкиот живот и ми рекоа дека треба да бидам задоволна од тоа што го покажав и отпеав. Сепак сакам да додадам дека на натпреварот имаше многу голем број на учесници, ученици од основни и средни училишта, значи конкуренцијата беше голема и сметам дека сите кои се натпреварувавме заслужувавме да бидеме добитници на награда,“ рече Ива.
Ракиџиева додаде дека сега веќе е сконцентрирана на следниот државен натпревар на кој ќе учествува и ќе го претставува своето училиште СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во Велес.
Инаку, Меѓународен натпревар „Сергеј Михајлов“ годинава се одржа по шестти пат во Штип и е посветен на Филип Стевановски. Станува збор за натпревар кој што се организира за ученици и студенти по музика како и за таленти кои дополнително музички се образуваат. Фестивалот се одржува три дена и ги има категориите: Класична музика, Поп и Џез како и Теоретски предмети.
Годинава на Фестивалот, во трите категории, се натпреваруваа околу 700 учесници од 11 држави заедно со Македонија. Државниот музички училишен центар во Штип го носи името Сергеј Михајлов а организатор на меѓународниот фестивал е ЗГ„Уметност за сите“ кое распишува оглас за пријавување и учество на натпреварот.
Убавка Јаневска


