Велешки Црвен крст одбележа три децении на програма „Промоција на хумани вредности“ (видео и фото)

Објавено: 24 септември, 2026, во 11:12 часот

Ова е последната генерација на млади волонтери на Општинската организација на Црвен крст Велес. Тие се вкупно 33-ца кои што добија Благодарници за сопствениот волонтерски ангажман во Програмата „Промоција на хумани вредности“ (ПХВ) за нивното вклучување со идеи кои потоа ги реализираа за да помогнат на поединци или цели семејства на кои им е потребна помош во локалната заедница. Вака велешки Црвен крст одбележа 30 години од реализирање на Програмата „Промоција на хумани вредности“ во која учесници досега се над 1.000 волонтери кои спровеле десетици вредни општо корисни проекти во локалната заедница и за своите сограѓани, како во Велес така и на територијата на општината.

-ПХВ не е само програма во која младите реализираат проекти.Тоа е простор во кој што младите учат да размислуваат поинаку. Да ги препознаваат проблемите околу себе и да веруваат во сопствените идеи. Некогаш можеби почнуваат со мала идеа но токму преку неа стекнуваат самодоверба и чувство дека можат да придонесат. Триесет години ПХВ е убава можност да се потсетиме на она што е направено и уште повеќе на она што може да се направи, рече д-р Кевица Клифова Шопова претседателка на Општинската организација на Црвен крст Велес.

Покрај сите реализирани идеи, шестте во 2013 година, од страна на младите волонтери на велешки Црвен крст му го донесоа Пехарот за најдобри на ниво на држава. Тогаш дисиминатор во оваа програма  „Промоција на хумани вредности“ беше Пенчо Андреев откако поминал години на волонтерство. Тој своето искуство го сподели пред присутните.

Како гостин на одбележувањето беше и Амела Аризотова. Таа е мајка на аутистично дете на кое преку проектна идеа, младите волонтери му помогнале на нејзиниот син. Аризотова го сподели искуството на корисник на ПХВ програмата и задоволството на нејзиниот син, да биде дел од убавата приказна.

Волонтерката Марија Матева ги соопшти петте проекти на ПХВ програмата на кои што годинава работеле. Станува збор за собирање на донации за опремување на детска соба  за три деца на семејство на кое што им изгоре домот и за реновирање простор каде младите волонтери се дружат и престојуваат потоа интеркултурен меѓу млади од различни верски заедници, издавање на книга за лица со оштетен вид како и за поставување урбана опрема пред просториите на Црвениот крст Велес.   

Настанот беше дел од одбележувањето на Неделата на хумани вредности која започнува на 21 и трае до 27 септември, секоја година.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.