Градоначалник Шаќири: На нашето општество му се потребни луѓе кои чекорат напред со знаење, одговорност и визија
Објавено: 27 мај, 2026, во 11:06 часот
Оваа порака меѓу другите кои се однесуваа на заедништво во мултикултурната заедница во која се почитува мајчиниот јазик на секој граѓанин како и потребите од поголемо – подобро образование, професионално надградување и посветена работа со цел сите училишта на територија на општина Чашка да бидат со соодветни и подготвени кадри, ги упати градоначалникот Суат Шаќири на одбележувањето на 18 годишнината од формирањето што е и датум кој што се одбележува како патрон празник на ООУ „Лирија“ во Горно Јаболчиште.

Обраќајки се до присутните наставници, родители, ученици и гости, Шаќири, додаде:
-Денес сакам да упатам јасна порака до сите нас: потребно е повеќе да се образуваме, професионално да се надградуваме и посветено да работиме со цел нашите училишта да бидат исполнети со соодветни и подготвени кадри. На нашето општество му се потребни луѓе кои чекорат напред со знаење, одговорност и визија, а не луѓе што ќе останат заробени во секојдневните критики. Не смееме да дозволиме да бидеме само набљудувачи и критичари, туку треба да станеме дел од решението. Затоа апелирам до секој млад човек и до секој наставник професионалната подготовка, личната надградба и постојаното усовршување да ги сфатат како своја мисија, бидејќи само така можеме достоинствено да му служиме на образованието и на нашето општество, додаде Шаќири.

Градоначалникот, исто така, констатира дека квалитетните образовни кадри се создаваат со труд, посветеност и истрајност како и дека е потребно од нивна страна лично вложување што би резултирало во влог и во иднината на децата.

-Само обединети, со меѓусебна почит, разбирање и соработка, можеме да го унапредиме образованието и да изградиме подобра иднина,“ констатира Шаќири.

Денот на патрониот празник на ООУ„Лирија“ е 22 мај, кога образовната институција е основана на што се осврна директорот кој, исто така, врачи признанија и награди за постигнати успеси на натпревари на ниво нa училиштето пред присутните гости поточно вработени во администрацијата, Градоначалникот на Општина Студеничани – Ејуп Абази, директори на општинските основни училишта и училиштата од соседните општини, директори и вработени од средните училишта од Велес и други гости.
Учениците изведоа културно уметничка програма што ја подготвија со своите наставници.
Убавка Јаневска


