Д-р Давчева: Алхемијата на тагата и болката претворете ја во сила и автентичност
Објавено: 6 јуни, 2026, во 14:09 часот
„Тагата е една од најчистите, најдлабоки и најмоќни човечки емоции. Таа не е само реакција на загуба или болка, туку и психолошки процес кој нè повикува да се соочиме со нашата ранливост. Таа е внатрешен мост меѓу она што сме го изгубиле и она што можеме да станеме – енергија која ако ја прифатиме, може да нè води кон самоспознавање и интеграција. Да ја прифатиме тагата значи да ја признаеме нашата човечка кревкост, да дозволиме да нè допре и да нè преобрази. Таа не е пречка што мора да се надмине, туку врата е кон нашата целовитост и автентичност.
Патот кон целовитост не е избегнување на страдањето, туку е свесно минување низ него. Кога ја потиснуваме тагата, таа станува сенка што го обвива нашето секојдневие, а со тоа ја потиснуваме и сопствената автентичност, но кога ја прифаќаме и истражуваме, таа станува наш учител. Кога ја признаваме и ја живееме, тагата станува психолошка алхемија при што болката се претвора во мудрост, а загубата во нова сила. Само така личноста може да ја интегрира сопствената сенка и да ја открие внатрешната хармонија.
Автентичноста не е дадена состојба, туку е резултат на постојано психолошко созревање, а тагата е клучен дел од тој процес. Таа нè учи да бидеме искрени со себе, да ги признаеме нашите граници и да ја прифатиме нашата човечка кршливост. Во таа искреност се раѓа вистинската сила преку способноста да живееме во согласност со нашата внатрешна вистина. Тагата е емоционален мост кон нашата најдлабока човечка вистина. Таа е енергија што нè повикува да застанеме, да се соочиме со загубата и да ја почувствуваме нашата ранливост, не како знак на слабост, туку како извор на сила и зрелост да се живее со отворено срце“.
Кога ваков вовед во разговор добивате од доктор на науки, психотерапевт, за човечкото чувство со кое барем еднаш во животот сте се соочиле, можеби се соочувате во моментов и барате начин да го надминете откривајќи му дека вие на тагата гледате како на лична слабост, на непријател, затоа што светот околу вас е силен, насмеан и продуктивен длабоко ве замислува одговорот дека тагата е моќен двигател на личната и колективната трансформација. Особено зборовите:„Општество кое ја признава тагата како легитимна емоција е општество кое ја признава човечноста. Така, тагата дефинира не само лична, туку и етичка и културна порака – Да се биде човек значи да се биде чувствителен, а чувствителноста е пат кон автентичноста!“
ДУМА.мк: Како тагата може да биде наш учител?
Д-р Давчева: Тагата е процес на интеграција. Таа нè учи да ги споиме нашите светли и темни страни, да го прифатиме нашиот ранет дел и да го претвориме во мудрост. Таа нè учи да бидеме искрени со себе, да ги признаеме нашите граници и да ја прифатиме нашата човечка природа. Преку таа искреност се раѓа нашата вистинска сила, а тоа е способноста да живееме во согласност со нашата внатрешна вистина. Само така можеме да изградиме внатрешна хармонија која не се темели на маски, туку на вистинска искреност и автентичност како резултат на нашето психолошко созревање. Тагата, на некој начин, e наш учител кој нè води кон самоспознание. Кога ја прифаќаме, ние ја прифаќаме и сопствената човечка ранливост. Таа ни покажува дека секоја загуба е и можност за ново раѓање, можност за создавање простор во кој можеме да станеме поцеловити, поавтентични и посензитивни кон себе и другите. Патот кон целовитоста не е избегнување на болката, туку е свесно минување низ неа.
Нашето тело кога е тажно и рането, често говори и преку солзи кои се телесен јазик на исцелување. Плачот не е само знак на слабост, туку е чин на животот, доказ на нашата животна сила, доказ дека сме чувствителни, дека сме поврзани со љубовта и загубата.
Постои мисла дека солзите се река на животот и тоа е длабока метафора што од психотерапевтски аспект ја опишува функцијата на солзите како динамика на прочистување. „Солзите се река на животот“ значи дека плачењето е наше движење, прочистување, обновување и е неопходен дел од циклусот на емоционалното исцелување, бидејќи ја носи болката, ја претвора во мудрост и ја враќа како сила. Солзите се патека што нè носи напред, проточна енергија што мора да тече, за да се спречи блокирање и согорување внатре во нас. Реката е земена како симбол од причина што таа никогаш не стои, таа постојано се движи, па така и солзите ја носат болката од внатрешноста кон надворешноста, од болка кон зрелост, овозможувајќи нејзина трансформација. Солзите се река што ја напојуваат душата. Како што реката ја оживува земјата, така солзите ја оживуваат нашата внатрешна почва, правејќи ја плодна за нови искуства, а тагата е патување низ реката, понекогаш мирна, понекогаш бурна, но секогаш движечка.
Филозофите од антика до денес ја гледале тагата како плодна почва за мудрост. Во гешталт психотерапијата се нагува ставот дека тагата е енергија што бара движење. Ако ја задржиме, таа станува болка; ако ја пуштиме, таа станува трансформација. Тоа е процес на завршување на гешталт циклус на искуство што мора да се затвори. Кога не плачеме, циклусот останува недовршен, а енергијата се блокира. Плачот е чин на завршување, тој ја затвора раната и отвора простор за ново искуство. Начинот на прифаќање е да ја признаеме болката без да ја осудуваме, да ја почувствуваме тагата во телото, да ја слушнеме нејзината порака и да ја интегрираме, да ја претвориме во дел од нашата животна приказна.
ДУМА.мк: Какво е вашето искуство и пристап во работата со тагата?
Постојат клиенти кои имаат реална причина за тага. Но постојат и клиенти кои ја повикуваат тагата како свој фокус и во тој контекст психотерапијата нуди различни пристапи. Се користат современи психотерапевтски практики и техники што овозможуваат автентично изразување на емоцијата, но и препознавање на моделите на самоповикување на болката. Основен чекор е клиентот да почувствува дека е на безбедно место во сигурна, тивка и доверлива средина, да почувствува дека емоцијата може да ја изрази без осуда, да си потврди дека е во ред да се плаче со поттикнување на автентично изразување на тагата без чувство на срам, непријатност, без прекинување.
Од важност е и посветеното внимание на телесната свесност при манифестирање на тагата, која често се манифестира преку телото и добро е тоа да се препознае. Се посветува внимание при стегање во градите, внимание на начинот и локацијата на треперење на телото, на воздишките што се испуштаат, а за кои ретко постои свесност.
Клиентот се поттикнува да ги опише своите телесни сензации и притоа се користат техники на длабоко дишење, техники за присутност сега и тука, прифаќање и интеграција, се користат експресивни техники, водени медитации, се овозможува изразување на недовршени емоции, препознавање на самоповикување на тагата… Некои клиенти ја користат тагата како постојан фокус за да избегнат други предизвици, па во тој контекст се идентификуваат повторливи модели кон нејзино враќање. Во такви случаи добро е да се постави прашањето за добивката од тоа враќање. На тој начин се поттикнува свесноста за секундарни добивки, а тоа се добивање внимание, избегнување на одговорности, ставање во улога на жртва, дефокусирање на енергијата. Се применува трансформација и насочување на енергијата кон нови активности и предизвици, пр: вклучување креативна експресија: пишување, творење, цртање, музика, танцување, јога, пешачење, спортување, односно поттикнување ментална или физичка активност за ослободување на напнатоста со развивање на план за идни цели и доживување нови искуства.
За клиентите со тага и болка поради реална загуба, техниките се насочени кон автентично изразување, прифаќање и интеграција на болката. За оние кои ја повикуваат тагата постојано како свој стил на функционирање, терапијата се фокусира на препознавање на моделите и рефокусирање на енергијата кон нови искуства. Значајно е наместо да ја потиснеме емоцијата, да застанеме, да и дадеме значење и да ја слушнеме, наместо да и дозволиме да нè понесе целосно, значајно е да останеме во контакт со неа, љубопитно да ја набљудуваме и наместо да ја осудиме, да се обидеме да ја разбереме како порака која носи нешто значајно за нас. Од практичните примери, може да наведам неколку можности: може да се работи со водена медитација со визуализација на солзите кои течат како река низ клиентот, ја плакнат и ја носат болката надвор од него. Може да се прави писмен запис на секоја солза што ќе биде исплачена како збор или мисла како дел од нашата река на животот, како симболичен јазик на душата. Може да се работи на телесната свесност, со посветување внимание на движењето на телото при плачење, на природниот ритам како пулсот на реката, бидејќи телото го зборува она што умот не може да го изрази.
Солзите носат двојна вистина, носат ослободување, ја растеретуваат психичката напнатост, како да се отвора вентил што спречува внатрешно согорување, и носат поврзување преку плачењето како мост за поврзување со другите, сигнал дека сме ранливи и дека ни е потребна блискост и поддршка.
ДУМА.мк: Дали постои разлика во манифестирањето на тагата помеѓу мажите и жените?
Мажите и жените манифестираат тага и солзи на различен начин, делумно поради биолошки фактори (хормони, генетика), но голем дел од разликите се резултат на културното и семејно воспитување уште од детството. Жените статистички плачат почесто и подолго, додека кај мажите плачењето е повеќе ограничено од социјалните норми и очекувања. Истражувањата покажуваат дека пролактинот (хормон кој е повисок кај жените) е поврзан со поголема склоност кон плачење. Постојат и индивидуални генетски разлики во емоционалната реактивност, но тие не објаснуваат целосно зошто жените плачат повеќе од мажите. Плачењето се смета за еволутивен механизам за комуникација на ранливост и потреба од поддршка.
Воспитувањето, културните норми и социјализацијата во детството, исто така се значајни фактори. Момчињата често се учат „да не плачат“ бидејќи тоа се смета за знак на слабост, додека девојчињата добиваат повеќе дозвола да ги изразуваат емоциите.
Во многу општества има културни очекувања, при што машкото плачење е стигматизирано, додека женското плачење се гледа како природно и прифатливо.
Значајни се и семејните модели од причина што децата ги имитираат родителите. Ако таткото ретко покажува тага и солзи, синот ќе го усвои истиот модел.
Од досегашново кажано, разликите во манифестирањето на тагата и солзите кај мажите и жените се комбинација од биологија и култура. Генетиката и хормоните играат улога, но воспитувањето и социјалните норми имаат многу поголемо влијание врз тоа дали ќе плачеме и како ќе ја изразиме тагата. Тагата е универзална емоција, но начинот на кој ја изразуваме е многу разновиден. Плачењето е најочигледниот и најчест облик, но не е единствениот, бидејќи секој човек има свој „стил“ на изразување на болката, кој зависи од телесната структура, културното воспитување и личната историја и убедувања. Солзите и плачењето се директен телесен јазик на тагата, кои можат да се изразат тивко и внатрешно или гласно и експресивно. Но како и да е, плачењето има физиолошки ефект на смирување и намалување на стресот.
Тагата често се изразува преку телесна експресија: наведната глава, спуштени очи и раменици, бавни движења. Вербалната експресија е преку бавно и тивко говорење за болката, често раскажување на приказната за загубата, а понекогаш тагата се изразува преку поезија, песни, сликање или метафори. Сето ова овозможува трансформација на болката во нешто ново и значајно. Некои луѓе ја изразуваат тагата преку повлекување и тишина. Ова може да биде начин на заштита, но ако трае предолго, може да доведе до изолација. Психотерапијата помага молчаливоста да се претвори во свесно присуство и контакт. Секој начин е валиден и носи своја терапевтска функција. Гешталт пристапот нè учи дека важно е да ја препознаеме сопствената форма на изразување и да ѝ дадеме простор, наместо да ја потиснеме.
ДУМА.мк: Има ли познати начини на прикривање на тагата, депресијата или траумата?
Да, познат е парадоксот на тагата кај кловновите и комичарите, а психолошките истражувања потврдуваат дека феноменот „тажен кловн“ е реален. Често се вели дека кловновите се „најтажните луѓе.“ Оваа идеја не е случајна: таа произлегува од феноменот каде смешното лице е маска што ја крие болката. Кловновите ја претвораат сопствената болка во уметност што им овозможува на другите да се смеат, а тие да ја изразат тагата индиректно. Како културна димензија, во многу култури кловнот е симбол на парадоксот на човечката состојба – смеа и солзи во едно лице. Публиката често препознава дел од сопствената болка во кловнот, што создава колективно катарзично искуство.
Уметноста, тргнувајќи од Чарли Чаплин до операта „Палјачи“ на Леонкавало ја претставува оваа парадоксална состојба каде смеата е маска за длабока тага. Чарли Чаплин е еден од најпознатите примери за тоа. Неговиот лик „Малиот скитник“ носи комични ситуации, но зад нив се крие длабока социјална и лична тага. Неговиот лик е комичен, но е симбол на човек кој се смее за да преживее. Всушност, кловновите не се „најтажни“ по природа, туку нивната уметност е одбранбен механизам и форма на трансформација. Хуморот е маска што ја прикрива болката, но истовремено ја изразува на начин што е прифатлив и лековит. Чарли Чаплин и многу други комичари ја претвориле сопствената тага во универзална порака дека смеата и солзите се неразделни.
Хуморот може да биде форма на сублимација, трансформација на болката во нешто креативно и прифатливо. Кловновите често користат маска на радост за да ја прикријат сопствената ранливост. Овој одбранбен механизам им овозможува да преживеат, но и да допрат до другите преку смеа. Комедијата и трагедијата се две страни на истата емоционална енергија. Чаплин во тој контекст вели дека животот е трагедија кога го гледаш одблизу, но комедија кога го гледаш оддалеку! Во гешталт психотерапијата, маската на радост се гледа како недовршен гешталт, тоа е емоција што не е целосно изразена. Кловнот ја носи маската за да избегне директно соочување со болката, но преку уметноста сепак ја изразува. Психотерапијата би охрабрила да се симне маската, да се овозможи директно соочување со тагата и да се дозволи тагата да се манифестира автентично. Помага клиентите да ја препознаат штетата од постојано потсмевање на себе преку работа со саморазорен хумор и да развијат здрави форми на хумор (афилијативен, само-засилувачки).
Овој разговор го нуди генералниот заклучок на д-р Мимоза Давчева гласи: „Всушност тагата е љубов… Луѓето тагуваат само за она што го сакале. Љубовта е доказ за врската што постоела. Тагата не е крајна точка, туку е пат, мост кон нова целост. Солзите се исцелување, бидејќи тие носат биохемиски промени што го смируваат телото и го враќаат балансот. Да се прифати тага значи да се прифати личната, човечка природа. Да се исплачат солзи значи да се дозволи на телото да зборува она што срцето го знае. Секоја емоција е енергија што бара движење, а тагата е можеби најдлабоката форма на тоа движење. Тагата не е нашиот непријател, туку е сопатник на нашата автентичност. Гешталт психотерапискиот пристап кон тагата и солзите е особено ефикасен во процесот на жалост, бидејќи овозможува завршување на „недовршените гешталти“ и интеграција на болката во целосното искуство на личноста. Практиките како свесно плачење, телесна експресија и дијалог со „празното столче“ се потврдени како терапевтски корисни. Солзите не се само капки што паѓаат од очите, тие се река што тече низ нашето постоење. Таа река понекогаш е мирна и тивка, понекогаш бурна и непредвидлива, но секогаш жива. Таа ја носи болката, ја прочистува душата и ја претвора во мудрост.
Поентата е едноставна и моќна: Да ја прифатиме тагата и солзите значи да го прифатиме животот. Тие се доказ дека сме чувствителни, дека сме љубеле, губеле и повторно сме се издигнувале. И кога ќе ја погледнеме нашата река на солзи, ќе сфатиме дека таа не нè дави, туку дека нè носи напред. Таа е река на животот што ја претвора болката во светлина и ни овозможува да станеме целосни. Секогаш кога ја чувствуваме, да се сетиме дека животот е нашиот најголем подарок досега. Сите работи што ни ги дава животот се легитимно наши. Да се биде човек значи да се биде чувствителен, а чувствителноста е пат кон автентичноста! Животот е она што ни се случува секој момент. Осмелете се да го доживеете со љубов и благодарност!
Убавка Јаневска


