Д-р Давчева: Кој сум јас, кога престанувам да се обидувам да бидам некој?
Објавено: 5 септември, 2026, во 14:13 часот
Постои едно прашање кое, порано или подоцна, тивко се појавува во животот на речиси секој човек: Кој сум всушност јас?
Не: кој сум според мојата професија.
Не: кој сум според тоа што го мислат другите за мене.
Не: кој сум според моето име, статус, улога или достигнувања.
Туку: Кој сум јас кога ќе ги тргнам сите тие нешта и кога престанувам да се обидувам да бидам „некој“? Кој сум кога не морам никому ништо да докажувам и кога никој не ме гледа?
Ова прашање може да звучи филозофски, духовно или дури апстрактно. Но, всушност, тоа е многу практично психолошко прашање, затоа што начинот на кој си даваме одговор на него влијае врз нашите односи, избори, љубов, стравови, професионален живот, влијае врз начинот на кој се браниме, начинот на кој страдаме и начинот на кој се обидуваме да бидеме среќни. Можеби токму затоа толку многу луѓе се обидуваат да „станат некој“…
Да бидат успешни.
Да бидат силни.
Да бидат сакани.
Да бидат посебни.
Да бидат подобри од другите.
Да бидат доволно убави, паметни, богати, духовни, смирени или важни.
И позади сето тоа понекогаш стои една тивка надеж: Ако станам доволно добар, можеби конечно ќе почувствувам дека сум доволен...
Но што ако токму тука се крие парадоксот? Што ако цел живот се обидуваме да станеме „некој“, а притоа забораваме да го запознаеме оној што веќе е тука?
Наместо веднаш да прашаме Кој сум ЈАС? можеме да се прашаме: Како се појавувам ЈАС во овој момент?
Што се случува во мене додека го читам ова, кои мисли ги имам? Како го чувствувам телото? Што се случува со моето дишење? Каде се појавува напнатост? Што сакам да направам? Од што се воздржувам? Од што се бранам?
Ова поместување од „што сум“ кон „како сум“ е од суштинско значење. Човекот не го гледаме како изолиран објект со однапред дадена суштина, туку како жив процес кој постојано се создава во односот со својата средина.
Во секојдневниот живот постои нешто што можеме да го наречеме „мало јас“ онаа внатрешна структура преку која се препознаваме како посебни личности и го создаваме нашиот идентитет. Тоа „јас“ има потреби, желби, стравови, очекувања и граници. Се сеќава на минатото и ја замислува иднината. Се споредува, се брани, понекогаш напаѓа, понекогаш се повлекува. Сака да биде прифатено, сакано и безбедно.
Кога мислата „Јас сум неуспешен“ престанува да биде мисла и станува „вистина за мене“; Кога мислата „се чувствувам отфрлено“ се претвора во „јас сум отфрлен“; Кога мислата „имам страв“ станува „јас сум исплашена личност“ – тогаш нашата моментална состојба ја претвораме во траен идентитет. Тогаш повеќе не го забележуваме искуството, стануваме идентификувани со него. Во таков случај добро е да ја воспоставиме разликата: Јас не сум само она што ми се случува. Јас сум и оној кој го забележува тоа што ми се случува!
„ЈАС“ – ПРИКАЗНАТА ШТО ЈА РАСКАЖУВАМЕ ЗА СЕБЕ
Секој од нас има приказна за себе: Јас сум ваков, Јас сум таков, Јас отсекогаш сум бил повлечен, Јас сум борец, Јас сум човек кој не верува никому, Јас сум емотивна личност, Јас сум силен, Јас сум несигурна, Јас сум таков затоа што детството ми беше такво…
Овие реченици не се нужно погрешни. Напротив, тие ни помагаат да создадеме чувство на континуитет. Од нив градиме слика за тоа кои сме.
Ова може да се поврзе со персоналната функција на ЈАС, она што сме го асимилирале од нашето минато, односите, културата и претходните искуства и преку кое се препознаваме себеси. Но добро е да не ја помешаме оваа слика со целото наше постоење. ЈАС не е фиксно нешто што стои некаде длабоко во нас; тоа е процес што се појавува во контактот со ситуацијата и го означува сопството, односно нашето „Јас“, нашиот идентитет и свеста за сопственото постоење. Тоа е целокупната слика, чувството и свеста за тоа кои сме ние како уникатни личности. ЈАС не е изолирано, туку се формира и функционира на границата меѓу нас и надворешниот свет. Тој е процесот преку кој стапуваме во контакт со другите и со околината.
Концептот за себе ги опфаќа нашите верувања, вредности, самодоверба и одговорите на прашањата „Кој сум јас?“ и „Каков сум јас?“ Тоа значи дека реченицата: Јас сум таков човек може да биде вистина за еден дел од нашето искуство, но не мора да биде целата вистина за нас. Човекот кој денес се плаши, не е само исплашен човек. Човекот кој денес се лути, не е само лут човек. Човекот кој еднаш згрешил, не е една грешка. И човекот кој бил повреден не мора цел живот да биде жртва. Ние сме многу повеќе од приказната што сме ја научиле да ја раскажуваме за себе.
ЕГОТО КАКО НЕПРИЈАТЕЛ ИЛИ НЕОПХОДЕН ДЕЛ ОД НАС?
Кога зборуваме за ЕГО, често мислиме на нешто негативно. Чести се споредбите од типот: Тој има големо его! Таа е егоист! Треба да го победиме егото!
Но посуптилен поглед е дека Его-функцијата не е нешто што треба да биде уништено. Таа е важна функција на ЈАС. Таа ни овозможува да избереме, да се насочиме, да препознаеме што е „јас“, а што „не-јас“, да кажеме „сакам“ или „не сакам“, „да“ или „не.“ Без оваа способност не би можеле да имаме здрави граници. Не би можеле да кажеме: Ова ми одговара, ова не ми одговара. Сакам да останам, сакам да си одам. Те сакам, не сакам да продолжам во заедничка врска.
Значи, проблемот не е што имаме его. Проблемот настанува кога ќе поверуваме дека тоа е сè што сме. Кога ќе кажеме: Јас сум мојата мисла. Јас сум мојот страв. Јас сум мојата професија. Јас сум мојот успех. Јас сум мојот неуспех. Јас сум тоа што другите мислат за мене… Тогаш почнуваме да живееме во една формирана слика за себе, наместо во жив контакт со самите себе.
Кој сум јас кога престанувам да се обидувам да бидам некој?
Замислете дека за момент никој не бара ништо од вас. Не треба да бидете добар родител. Не треба да бидете успешен професионалец. Не треба да бидете силен партнер. Не треба да оставите впечаток. Не треба да им докажете ништо на другите. Само за момент – бидете…
Што останува? Можеби прво ќе почувствувате празнина. Можеби немир. Можеби страв. Можеби ќе се појави прашањето: Ако не сум тоа што го правам, тогаш кој сум?
И токму тука започнува вистинското истражување. Не со барање на конечен одговор, туку со свесност. Што мислам и чувствувам? Што се случува во моето тело? Што ми треба? Што сакам? Од што се плашам? Каде се воздржувам? Каде се присилувам? Каде се обидувам да бидам некој за да бидам прифатен?
Ова е гешталт-пристап кон човекот според кој наместо да му дадеме готов одговор за тоа „кој е“, го истражуваме неговото актуелно искуство. Свесноста не е само интелектуално знаење за себе. Таа е живо забележување на тоа што се случува сега во телото, мислите, чувствата и во контактот со средината.
„Јас“ не постои сам за себе… Вообичаено замислуваме дека постои едно „Јас“ кое стои одвоено од светот. Јас овде – Светот таму. Јас мислам. Јас одлучувам. Јас делувам. А потоа светот ми одговара. Но, човекот не може целосно да се разбере одвоено од средината во која живее. Она што го чувствуваме и начинот на кој се однесуваме се создаваат во конкретна ситуација и во однос со другите. Искуството и „Јас“ се појавуваат од живата интеракција меѓу човекот и неговата средина.
Замислете човек кој вели: Јас сум агресивен! Психотерапевтот можеби нема веднаш да се согласи и ќе праша: Што се случува со тебе кога си во оваа подличност? Што се случува непосредно пред да станеш агресивен? Можеби се појавува страв. Можеби чувство на немоќ. Можеби потреба да се биде почитуван. Можеби се активира стара повреда или начин на одбрана кој некогаш бил неопходен, но денес повеќе не служи. Тогаш „агресивниот човек“ почнува да се гледа поинаку. Не како проблематична личност, туку како човек кој во одредена ситуација развил одреден начин на контакт и поведение. И токму тука се појавуваат можностите за промена…
ДАЛИ ПОСТОИ „ВИСТИНСКО ЈАС“?
Дали некаде длабоко во нас постои едно совршено, чисто, непроменливо „Вистинско Јас“ кое треба само да го откриеме? Тоа е прекрасно духовно прашање со идеја дека постои некаква скриена суштина која може да се пронајде како предмет. „ЈАС“ не е замислено како фиксна внатрешна супстанција. Тоа е процес на контакт, начин на кој организмот се среќава со средината и во тој процес создава значење, избор и ново искуство. Ова е многу различно од идејата: „Некаде внатре во мене постои вистинскиот ЈАС, само треба да го пронајдам!“
Можеби вистинското прашање е: Можам ли да бидам во доволно жив контакт со себе за да препознаам што е вистинито за мене во овој момент? Тоа не значи дека немаме историја. Ја имаме. Не значи дека немаме личност. Имаме. Не значи дека немаме карактер. Имаме. Но значи дека не сме затворени во нив и дека можеме да се менуваме. Можеме да учиме, да откриваме нешта за себе што порано не сме ги знаеле. Можеме да престанеме да бидеме она што сме мислеле дека мора да бидеме.
Кога престанувам да бидам некој, можеби конечно почнувам да бидам јас!
Можеби најголемиот парадокс е токму тука. Цел живот се обидуваме да станеме некој за конечно да почувствуваме дека имаме вредност и дека сме доволно. Се градиме, се подобруваме, се споредуваме, се докажуваме, се контролираме, се обидуваме да бидеме посилни, помудри, поуспешни, посакувани, сакани…
И во одреден момент чувствуваме како животот нè заморува. Тогаш, наместо уште едно: Како да станам подобар? се појавува едно многу поедноставно прашање:
Што ако за момент престанам да се обидувам да бидам некој?
Што ако само почувствувам? Што ако го забележам здивот? Што ако ја почувствувам тежината во градите? Што ако признаам дека сум тажен? Што ако кажам дека ми е страв? Што ако признаам дека ми треба некој? Што ако кажам „не“ без да се чувствувам виновен? Што ако кажам „да“ затоа што навистина сакам, а не затоа што очекуваат од мене? Можеби тогаш не го наоѓаме „Вистинското Јас“ како некаков готов одговор. Можеби тогаш почнуваме да го живееме.
Гешталт психотерапијата не ни ветува дека еден ден ќе стигнеме до точка во која конечно ќе можеме да кажеме: Сега целосно знам кој сум. Психотерапијата невели„пронајди се“, туку „сретни се!“ Таа нè повикува да бидеме присутни во сопствениот живот. Да забележиме што се случува, да препознаеме што ни е важно, да го почувствуваме телото, да ги слушнеме потребите, да видиме како стапуваме во контакт, да забележиме каде се прекинуваме себеси, да препознаеме кога живееме според туѓи правила, да откриеме кога велиме „да“, а во себе чувствуваме „не“. И постепено да создадеме повеќе простор за избор. „ЈАС“ е поврзан токму со овој жив процес на контакт, а здравјето не се состои во тоа никогаш да не се менуваме, туку во способноста да воспоставуваме жив, менлив, флексибилен и креативен контакт со себе и ситуацијата.
Затоа можеби прашањето: Кој сум јас? не треба да има еден конечен одговор.
Можеби подоброто прашање е: Кој сум јас токму сега? Што мислам, чувствувам, што ми треба токму сега? Што сакам, од што се плашам? Кого го пуштам блиску, од кого се оддалечувам, што избирам, што одбивам токму сега?
И, најважно: Дали тоа што го живеам навистина е мое или само се обидувам да бидам некој што научив дека треба да бидам?
Токму тука започнува автентичноста. Не кога се обидуваме да станеме совршени, не кога го победуваме егото, не кога конечно го пронаоѓаме некаквото мистично „Вистинско Јас“.
Туку кога можеме доволно искрено да застанеме пред себе и да кажеме: Ова сум јас во овој момент. Ова чувствувам. Ова ми треба. Ова го сакам. Ова не го сакам. Ова го можам. Ова сè уште не го можам! И да останеме со тоа без веднаш да се корегираме, без да се осудуваме, без да се преправаме. Само да бидеме во контакт со себе. Бидејќи човекот не се пронаоѓа така што ќе открие една конечна дефиниција за себе. Човекот се пронаоѓа така што престанува да бега од сопственото искуство.
И можеби тогаш, за првпат, прашањето: Кој сум всушност јас? нема да бара одговор, туку ќе бара присуство.
ПРЕПОРАКИ
Во текот на целиот наш живот се обидуваме да станеме „некој“, а најголемото откритие е дека не треба да станеме никој друг, туку доволно е само да се осмелиме да престанеме да се преправаме.
Кога ќе престанеме да живееме според „треба“, „мора“ и „што ќе кажат другите“, полека почнуваме да го слушаме сопствениот глас. И тогаш прашањето „Кој сум ЈАС?“ повеќе не бара готов одговор и дефиниција. Тоа станува живо искуство.
ЈАС не е она што цел живот се обидувавме да им покажеме на другите дека сме.
ЈАС е она што останува кога веќе немаме потреба никому ништо да докажуваме.
И затоа прашањето, „Кој сум и кој треба да бидам?“
Ќе го замениме со:
„Што ќе остане од мене кога конечно ќе престанам да се обидувам да бидам некој?“
Можеби токму таму, во тој тивок простор без наметнати улоги, без маски и без потреба за докажување, за првпат ќе се сретнеме себе си…
Мимоза Давчева
д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор


