Уставен суд стави на располагање комуникациска платформа за информирање
Објавено: 14 јуни, 2026, во 14:40 часот
Уставниот суд ја пушти во употреба новата комуникациска платформа „Дознај ФАКТИ од Уставен суд“, наменета за навремено, точно и официјално информирање на граѓаните, медиумите и пошироката јавност.
„Платформата е создадена како дел од заложбите на Судот за поголема транспарентност, отвореност и достапност на информациите од јавен интерес. Нејзината цел е да обезбеди проверени факти и појаснувања за работата на Судот, постапките, одлуките и надлежностите, но и да придонесе во борбата против дезинформациите, шпекулациите и лажните вести поврзани со работата на Уставниот суд, кои во изминатиот период се зачестени. Преку „Дознај ФАКТИ“, Судот ја зајакнува својата проактивна комуникација со јавноста, обезбедувајќи место каде што фактите ќе бидат достапни и лесно разбирливи.“, соопштиа од Уставен.
Платформата ќе содржи точни и официјални информации, појаснувања на одлуки и постапки, разликување на фактите од шпекулациите, како и едноставни објаснувања за уставно-правни прашања.
Покрај актуелните содржини, платформата ќе објавува и податоци за Судот, организацијата и надлежностите, значајни одлуки од уставно-судската практика, како и интересни факти од историјатот на Уставниот суд и развојот на уставното судство.
Дума.мк
