Проф. д-р Ќимова: Време е за промена – Насилството меѓу децата не се случува само „надвор“ туку почнува дома

Објавено: 3 јули, 2026, во 09:40 часот

Во последно време сè почесто се поставува едно тешко, но неопходно прашање: Што се случува со однесувањето на децата и зошто насилството станува сè поприсутно меѓу нив?

Живееме во динамично време. Родителите работат повеќе од кога било, обврските се зголемуваат, а секојдневието станува трка за опстанок и подобар живот. Но токму во таа трка, многу често најважното нешто останува во втор план – присуството во животот на децата.

Каде се губи насоката?

Децата денес растат во средина каде вредностите брзо се менуваат. Социјалните мрежи, интернет содржините и виртуелните модели на однесување имаат огромно влијание врз нивниот развој. Без доволна насока и разговор дома, тие лесно прифаќаат модели што не секогаш се здрави или корисни.

Паралелно со тоа, се создава слика дека материјалното, статусот и надворешниот изглед се поважни од знаењето, трудот и карактерот. Така, постепено се губи рамнотежата меѓу вистинските вредности и она што се прикажува како „успех“.

Проблемот не е само „надвор“

Не можеме да го сведеме проблемот само на улицата, училиштето или интернетот. Домот и родителскиот пристап имаат клучна улога.

Кога границите не се јасно поставени, кога нема доволно време за разговор, разбирање и доследност, децата бараат водство на друго место. А тоа водство не секогаш ги носи во правилна насока.

Родителството денес – предизвик и одговорност

Родителството не значи само исполнување на желбите на децата. Тоа значи поставување граници, насочување и градење вредности – дури и кога тоа не е популарно или лесно.

Не е важно што „другите родители дозволуваат“. Важно е што е исправно за сопственото дете. Конзистентноста, присуството и одговорноста се темелите на здрав развој.

Време е за акција, не само за зборови

Промената не доаѓа со критика, молчење, или со изразот ,,ќе помине-деца се,,, туку со личен пример и доследно држење на правилни вредности. Со повеќе време поминато со децата. Со разговори без осудување. Со јасни правила и доследност. Со работа на сопствените родителски навики и ставови.

Ако сакаме поинаква иднина за децата, прво мора да почнеме од себе.

Време е да се биде присутен родител. Не совршен – туку одговорен и свесен, родител кој работи на себе.

Проф.д-р Ѓорѓина Ќимова

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.