Тројца млади автори успешно ја претставија македонската стрип сцена во Рашка – Велес во август ќе биде наредниот домаќин

Објавено: 14 јули, 2026, во 09:46 часот

Младите македонски автори Ангела Петрушевска, Јасмина Јовчевска и Андреј Јовановски твореа рамо до рамо со врвни балкански и светски мајстори на деветтата уметност на овој реномиран меѓународен фестивал. Нивното учество беше под покровителство на групацијата „Стрип Центар –Стрипот може“ од Велес.

Од 9 до 13 јули, Јошаничка Бања беше епицентарот на регионалната стрип-сцена, каде што традиционалната 14-та Меѓународна стрип-колонија во Рашка прерасна во нов, проширен формат како дел од првиот Фестивал на стрип „Инкубатор“.Оваа престижна уметничка манифестација, која со години ги поврзуваше младите таленти и искусните автори од разни земји, понуди богата петдневна програма исполнета со работилници, изложби, стручни предавања и промоции на нови изданија. Како што нагласи Трајков, македонската стрип-сцена и оваа година продолжи со своето традиционално учество кое датира уште од 2015 година.

-Нашата земја ја претставуваше исклучително млада и перспективна екипа од Скопје – студентката Петрушевска и средношколците Јовчевска и Јовановски – кои добија единствена можност да работат во инспиративна средина, да разменуваат искуства и да творат заедно со младите екипи што пристигнаа од Рашка, Белград, Зајечар и Врање, како и да учат од докажани мајстори.Главниот фокус на настанот беше ставен на едукацијата на помладите генерации, каде што како главни ментори и предавачи се ангажираа реномираните уметници Влада Весовиќ, Драган Стокиќ-Рајачки, Лилјана Стризе и Бобан Станковиќ Гето, рече Томе Трајков претседател на „Стрип Центар –Стрипот може“   .

Покрај интензивната работа на практичните работилници, програмата опфати и отворени изложби на стрип-табли, јавни презентации и дискусии за развојот на деветтата уметност на Балканот

Трајков додаде дека воспоставените контакти со  меѓународната   стрип-сцена веднаш се насочени кон идните планови, па оваа креативна дружба ќе продолжи веќе кон крајот на месец август, кога дел од овие автори ќе земат  учество на традиционалниот Меѓународен стрип-салон и Меѓународната стрип-колонија во Велес .

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.