Невремето, вчера попладне, во Велес откорна и за среќа не го струполи на улица кровот на Трговски центар, половина општина Чашка е без струја (видео и фото)
Објавено: 22 јули, 2026, во 10:16 часот
Малку недостасуваше за целосно да биде откорнат кровот на Трговски центар во Нова Населба во Велес. Силниот ветер корнеше делови од покривот и за среќа лимените парчиња останаа да се веат на конструкцијата но не се струполија на улиците околу објектот. Тие се потенцијална опасност по нашите животи и имоти, констатираат во пораките до Дума.мк, велешани кои што живеат во околните згради откако видеото сограѓанката Ратка Толевска го сними и објави видеото. Граѓаните бараат општината итно да го реконструира овој покрив и да ги заштити од последиците на ново невреме. А тоа веќе се најавува за денеска во попладневните часови.
Исто така, паднати дрвја и гранки, оштетени кровни конструкции и настрешници и прекинати електрични кабли се првично пријавените последици од вчерашното невреме кое што ги зафати градовите Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино во Вардарски регион. Според информациите од службата на Центар за управување со кризи (ЦУК) на терен се ангажирани противпожарните единици, јавните комунални претпријатија, полицијата и екипи на ЕВН.
-Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во електроснабдувањето поради оштетувања на електроенергетската инфраструктура. Во индустриската зона во Кавадарци, поради паднати електрични жици, предизвикан е пожар кој веднаш е локализиран, соопштија од ЦУК.

Вчера вечер, околу полноќ, екипа на Дума.мк беше на терен во делот на Општина Чашка каде селата Мелница, Голозинци и Лисиче беа без електрична енергија. Како што дознавме од претседателот на Месна заедница Мелница, Сезгин Бејлуровски причина беше паднат столб од електричен далековод на ЕВН во близина на Оранжерии кај населба Чашка.
Сега информацијата ја потврдија и од Општина Чашка додавајќи дека од вчера попладне освен веќе споменатите села, исто така, без електрична енергија се и селата Врановци, Горно Јаболчиште, Долно Јаболчиште како и Стари град, Извор, Јасеново, Теово и Богомила. Исто така додадоа дека екипи на ЕВН се на терен и работата на подигнување на паднатиот столб од електричниот далековод но засега немаат информација кога граѓаните во населените места на повеќе од половина на територијата на општината ќе добијат струја.
Убавка Јаневска


