IV Мелничка Исселеничка средба: Промовирана Монографија „Мелница низ историјата“ и негување на македонскиот јазик преку фолклор и традиција (видео и фото)
Објавено: 22 јули, 2026, во 13:10 часот
Жителите на село Мелница и организаторите на средбата на исселеници, вчера вечер, повторно покажаа дека се добри домаќини на голем број гости како од општина Чашка така и од велешката но и од останати општини во Македонија. И покрај последицата од невремето коешто го остави селото без електрична енергија, за час и половина, беше обезбеден и монтиран генератор за струја за да биде реализирана севкупната културно забавна програма на четвртата Мелничка Исселеничка средба.
Таа секако ќе биде запаметена по штотуку издадената книга, Монографија „Мелница низ историјата“ на историчарот, истражувачот и авторот Драги Наумовски.

-Авторот прави, хронологија на настаните низ годините или периодите, стар и среден век, додека архивското истражување се темели на периодот меѓу двете Светски војни, Втора Светска војна, формирање на Народно ослободителните одбори по 1944 година, формирање на Народната власт, социјалистичката преобразба на селото, состојбата во стопанството, колективизацијата со формирање на кооперациите, земјоделските задруги, културно просветната состојба, развојот на општествено политичките организации како АФЖ и целосното вклучување на жените во општествениот живот, функционирањето на културно просветното друштво „Гоце Делчев“ а според мене најуспешно се преставени процесите на миграциите на селото. Поточно мигрирањето на 20 семејства во Турција во периодот 1912-1914 година како и на 130 исселени семејства во поголемиот бран, од 1954 до 1966 година, во Швајцарија и во Германија. Наумовски ги опфаќа и здружувањата на исселениците надвор од Македонија поточно во Швајцарија и во Германија, рече Јасмина Дамјановска директорка на Државен Архив Одделение Велес.

Македонските друштва „Мак Мел“ од село Мелница во Македонија, од Бургдоф – Швајцарија и од Бон во Германија заедно со Општина Чашка се организатори на Исселеничката средба која што е поддржана и од Агенцијата за исселеништво.
Во Културно забавната програма на средбите настапија девојките играорки од село Малница и фолклористките на Ансамбл „Керамичар“ од Велес.

Четвртата Мелничка Исселеничка средба заврши со народна веселба на која што настапи естрадната уметничка Анета Љумаковска со бендот.

Убавка Јаневска


