Д-р Давчева: „Кога маската станува идентитет – како незабележливо го губиме контактот со своето вистинско јас“

Објавено: 25 јули, 2026, во 15:44 часот

Што ако најголемата измама во нашиот живот не доаѓа од другите, туку од нас самите? Што ако еден ден се разбудиме и сфатиме дека успешно сме го одиграле секој лик што животот го побарал од нас: добар син, примерна ќерка, пожртвувана мајка, силен маж, совршена сопруга, успешен професионалец, секогаш насмеан пријател, а притоа сме заборавиле кој е човекот што живее зад сите тие улоги? На почетокот тоа не изгледа опасно.

Напротив. Изгледа како зрелост. Детето учи дека за да биде сакано, треба да биде мирно. Дека за да не биде отфрлено, не смее да плаче. Дека за да биде пофалено, мора да биде најдобро. Дека за да го зачува мирот во семејството, треба да молчи. Полека почнува да ги собира тие пораки како некој што внимателно облекува слоеви облека за да се заштити од студот. И навистина, тие слоеви во еден период му помагаат да преживее.

Но никој не му кажува дека она што нè спасува во детството, понекогаш нè заробува во зрелоста. Никој не забележува кога улогата престанува да биде нешто што го играме и станува нешто што веруваме дека сме. Токму тука започнува најтивката загуба. Не ја губиме работата. Не ја губиме љубовта. Не го губиме здравјето, рече Мимоза Давчева доктор на науки, психотерапевт и дипломиран психолог како вовед во темата.

Го губиме контактот со себеси

А тоа не се случува со голем потрес. Не се случува во еден ден. Не боли како скршеница. Не остава видлива рана. Се случува тивко… Толку тивко што човек може да помине цели децении без да забележи дека веќе не живее од себе, туку од сликата што ја создал за себе. Тогаш почнува чудното чувство на внатрешна празнина.

Човекот има семејство, работа, пријатели, успеси. Сè изгледа „како што треба“. А сепак, кога ќе остане сам со себе, чувствува нешто што не знае да го именува. Како да игра улога во сопствениот живот. Како да гледа филм во кој е главниот лик, а сепак не се препознава.

И тогаш започнува потрагата. Најчесто погрешно насочена. Некој мисли дека му треба нова работа. Друг верува дека му треба нов партнер. Трет се сели во друга држава. Четврти купува повеќе, заработува повеќе, постигнува повеќе.

Но што ако не недостасува ништо надвор од нас? Што ако си недостасуваме самите себеси?

Да си поставиме едно суштинско прашање, не за да ни даде брз одговор, туку за да ни ја отвори вратата кон подлабоката свесност:

„Кои сме ние кога никому ништо не мора да докажуваме?“

Ова прашање на прв поглед изгледа едноставно. Но за многу луѓе е едно од најтешките.

Затоа што со години сме го граделе својот идентитет врз очекувањата на другите. Врз пофалбите што сме ги добивале. Врз критиките што сме ги избегнувале. Врз стравот да не бидеме отфрлени, засрамени или недоволно добри. Со текот на времето, маската повеќе не ја носиме. Маската почнува да нè носи.

Дума.мк: Како доаѓаме до тоа маската да стане наш идентитет и како започнува патувањето назад кон себе?

„Не тргнуваме од идејата дека човекот е „расипан“ или дека нешто не е во ред со него. Напротив. Тргнуваме од една многу човечка вистина дека секој од нас, уште од детството, се обидувал да најде начин да преживее, да биде сакан, прифатен и да го зачува контактот со луѓето што му биле најважни. Токму затоа, многу од она што денес нè ограничува, некогаш било нашата најдобра можност и тоа се нарекува креативна адаптација. Тоа е неверојатната способност на човекот да се приспособи на средината за да преживее.

Замислете мало момче кое секогаш добива порака: „Вистинските мажи не плачат!“

По некое време, тоа повеќе не ги крие солзите само пред таткото. Почнува да ги крие и од себе. Години подоцна, сопругата ќе му рече: „Никогаш не знам што чувствуваш!“

Тој искрено ќе одговори: „Не знам ни јас!“ И нема да лаже. Затоа што некаде по патот, научил дека за да биде прифатен мора да престане да чувствува.

Или замислете девојче кое расте покрај мајка што често повторува: „Само добрите девојчиња ги сакаат!“ Девојчето почнува секогаш да им угодува на другите. Никогаш не одбива. Никогаш не се лути. Секогаш е достапна. Години подоцна сите ја сакаат. Освен таа самата. Затоа што никој никогаш не ја запрашал што сака таа.

Ова не се слабости. Ова се некогашни решенија кои преживеале многу подолго отколку што било потребно. Проблемот не е во адаптацијата, тој започнува кога забораваме дека сме се адаптирале.

Потоа, во нашиот живот тивко почнуваат да се вселуваат туѓите гласови: „Не плачи.“ „Не се лути.“ „Не се истакнувај.“ „Биди совршен.“ „Прво другите, па ти.“ „Мораш.“„Треба.“

Толку долго ги слушаме овие интроекти, што еден ден престануваме да ги препознаваме како туѓи и почнуваме да веруваме дека се наши. Тоа се убедувања, правила и пораки што сме ги „проголтале“ без да провериме дали навистина ни припаѓаат.

Колку луѓе денес живеат според реченици што никогаш свесно не ги избрале?

Колку жени сè уште чувствуваат вина кога ќе кажат „не“?

Колку мажи се чувствуваат засрамени кога ќе побараат помош?

Колку луѓе се убедени дека нивната вредност зависи од тоа колку ќе постигнат, заработат или жртвуваат? Не затоа што така одлучиле, туку затоа што така научиле.

Понекогаш, за да не ја изгубиме љубовта или припадноста, почнуваме толку многу да се приспособуваме што речиси исчезнуваме во другите и таа состојба се нарекува конфлуенција кога повеќе не знам каде завршувам јас, а каде започнуваш ти.

Жена која цел живот се грижи за сите, кога некој ќе ја праша: „Што сакаш ти?“ одговара:

„Не знам… не сум размислувала!“

Маж кој секогаш се согласува со пријателите, а дома чувствува необјаснив немир.

Млада девојка која го избира факултетот што го сакале родителите, се мажи затоа што „дојде време“, останува на работа што ја исцрпува затоа што „не е убаво да се откаже“, а потоа една вечер, без очигледна причина, почнува да ја преплавува тага и да плаче. Не затоа што животот ѝ е лош, туку затоа што одамна престанала да живее свој живот.

Постои и друга крајност. Има луѓе кои никогаш не покажуваат лутина. Секогаш велат: „Добро сум.“ „Не ми пречи.“ „Нема врска…“ Но нивното тело зборува поинаку. Главоболки. Несоница. Стегање во градите. Панични напади. Прејадување. Постојан замор.

Во гешталт психотерапијата ова го нарекуваме ретрофлексија, односно сè она што сме сакале да го изразиме кон светот, сме го свртеле кон себе. Наместо да кажам: „Ме повреди.“ Јас се обвинувам себеси. Наместо да кажам: „Лут сум.“ Јас ја гризам внатрешноста на сопствената душа.

Колку само луѓе се казнуваат себеси затоа што никогаш не научиле дека имаат право да го кажат она што го чувствуваат?

Но можеби најголемата последица од сите овие механизми не е тоа што сме станале „премногу добри“, „премногу тивки“ или „премногу силни“. Најголемата последица е што постепено сме го изгубиле контактот. Контактот не значи само да разговараме со другите, значи да бидеме живо поврзани со себе. Да знаеме што чувствуваме додека чувствуваме.

Да препознаеме што ни треба додека ни треба. Да можеме да кажеме „да“ кога навистина чувствуваме да, и „не“ кога навистина чувствуваме не. Да не живееме според автоматски правила, туку според живо, свесно искуство.

Затоа, најголемата трагедија не е кога човекот ќе стави маска. Сите ние понекогаш носиме маски. Трагедијата започнува во мигот кога ќе заборави дека под неа сè уште постои вистинско лице.

Можеби најголемото откритие во животот не е да откриеме кои треба да бидеме, туку конечно да се сетиме кои од секогаш сме биле. Патувањето назад започнува во мигот кога ќе се осмелиме да застанеме, да се погледнеме без улогите, без туѓите очекувања и без приказната што со години сме ја раскажувале за себе. Тој пат назад кон себе не започнува со тоа да станеме некој нов,“ додава д-р Давчева.

ДУМА.мк: Како изгледа човек што со години живее како туѓо јас?

„Парадоксот е што таквиот човек најчесто изгледа сосема „нормално“. Оди на работа. Се грижи за семејството. Ги исполнува обврските. Се смее кога треба. Честопати е омилен меѓу луѓето. Но, длабоко во себе чувствува нешто што не знае да го објасни. Како да живее живот што однадвор изгледа негов, а одвнатре му е чудно туѓ. Не затоа што е слаб. Не затоа што е неблагодарен. Туку затоа што со години живее преку идентитет што некогаш го спасил, но денес веќе не му дозволува да биде жив.

Како изгледа идентитет на „Совршената“ мајка: Таа станува пред сите. Легнува последна. Секогаш знае кој што сака. На сите им помага. Никогаш не бара ништо за себе. Кога ќе ја прашаат: „А ти како си?“ Таа речиси автоматски одговара: „Добро сум.“ Но, една вечер, додека ги собира чиниите по вечерата, без никаква причина се чувствува изгубено и почнува да плаче. Не затоа што денот бил тежок, туку затоа што веќе не знае која е таа кога никому не му е потребна. Во детството научила дека вреди само кога се жртвува. Денес сите ја гледаат како прекрасна мајка. Само таа не може да ја види жената во себе. Маската на „добрата мајка“ толку долго ја носела, што станала нејзин идентитет.

Идентитет на „Силен“ маж:  Од мали нозе слушал: „Не плачи.“ „Издржи.“ „Биди маж.“ И издржал. Кога починал татко му, не плачел. Кога останал без работа, не плачел. Кога му се распаднал бракот, повторно не плачел. Но една вечер, додека седел сам во автомобилот, почувствувал дека нема воздух. Срцето забрзано чукало. Рацете му се треселе. Бил убеден дека добива срцев удар. Лекарите рекле дека срцето му е здраво. Телото, всушност, не било болно. Телото само почнало да плаче наместо него. Кога човек долго време не им дозволува на чувствата да зборуваат, телото често ја презема нивната работа.

Идентитет на „Успешен“ човек: Сите му завидуваат. Има добра работа. Голема куќа. Убав автомобил. Луѓето велат: „Ти имаш сè.“ А тој, секој понеделник, станува со тежина во градите. Не затоа што не е успешен, туку затоа што никогаш не се запрашал дали успехот што го градел е навистина негов. Татко му отсекогаш велел: „Вреди само оној што постигнал нешто.“ И тој целиот живот докажува. Не на светот. На татко му. Иако татко му одамна не е жив. Некои луѓе со години разговараат со родители кои веќе не се тука. Не со нивните зборови, туку со своите избори.

Идентитет „Жената што никогаш не се лути:“ Сите ја сакаат. Никогаш не влегува во конфликт. Никогаш не покачува тон. Секогаш разбира. Секогаш простува. Но, навечер не може да заспие. Стомакот ја боли. Главата ѝ е тешка. Почнува неконтролирано да јаде. Не затоа што е гладна, туку затоа што со години ја голта секоја неизговорена реченица. Понекогаш човек не ја голта храната, ја голта сопствената лутина. А телото никогаш не заборава што душата премолчела.

Идентитет: „Добриот син:“ Можеби има пеесетина години. Успешен е. Има свое семејство. Но секоја одлука прво ја проверува со мајка му. Не затоа што не знае. Туку затоа што никогаш не научил дека има право да знае сам. Ако мајка му е незадоволна, чувствува вина. Ако избере поинаку, чувствува дека ја предал. Однадвор изгледа како зрел човек.

Однатре, сè уште бара дозвола да биде тоа што е.

Можеби, додека ги читавте овие прикази, во некоја од нив ја препознавте соседката, колегата, сопружникот, братот, вашето дете.

Но ако останете уште малку со себе… Можеби ќе сфатите дека најмалку една од овие приказни е и ваша… И токму тука започнува психотерапијата. Не со прашањето:

„Што не е во ред со мене?“ Туку со многу понежно и многу похрабро прашање:

„Кога почнав да верувам дека морам да бидам некој друг за да заслужам љубов, прифаќање или место во овој свет?“

Затоа што одговорот на тоа прашање не нè враќа во минатото за да бараме виновници.

Тој нè враќа кај себе. А таму, под сите улоги, под сите очекувања, под сите маски што некогаш нè штителе, сè уште тивко чека човекот што никогаш не исчезнал. Само премногу долго бил замолен да молчи. Детето креативно ги претворило тие пораки во начин на преживување. Така не обвинуваме никого, а сепак ја покажуваме силата на интроектите.

Никој не се раѓа мислејќи дека не вреди, дека мора секому да угодува или дека нема право на своите чувства. Тоа се реченици што прво ги слушаме од другите, а потоа, без да забележиме, почнуваме да си ги повторуваме самите на себе.Тоа се туѓи пораки што сме ги прифатиле како свои, без никогаш да провериме дали навистина ни припаѓаат.

„Не плачи“ Детето учи дека чувствата не се добредојдени.Возрасниот повеќе не знае да плаче, а често не знае ни што чувствува. Телото почнува да го изразува она што емоциите предолго го молчеле.

„Биди добар“ Детето разбира дека љубовта се добива ако ги исполнува очекувањата на другите.Возрасниот не знае да каже „не“. Помага, се жртвува, ги спасува сите околу себе, а сè почесто чувствува дека никој не го прашува како е тој.

„Не се истакнувај“ Детето учи дека успехот, талентот или различноста можат да предизвикаат завист или критика.Возрасниот се плаши да покаже што знае. Се потценува, се повлекува и останува помал отколку што навистина е.

„Прво другите“ Детето учи дека неговите потреби се помалку важни.Возрасниот толку многу се грижи за сите околу себе, што кога ќе го прашаат: „Што сакаш ти?“, искрено не го знае одговорот.

„Не прави проблеми“ Детето сфаќа дека мирот е поважен од вистината.Возрасниот молчи кога е повреден, се насмевнува кога е тажен и се согласува дури и тогаш кога целото негово битие вели „не“.

„Ќе видиш што ќе речат луѓето“ Детето почнува да се гледа себеси низ очите на другите.Возрасниот повеќе не носи одлуки според тоа што чувствува, туку според тоа што ќе биде прифатено. Полека туѓото мислење станува поважно од сопствениот внатрешен глас.

„Љубовта мора да се заслужи“ Ова е можеби најдлабокиот интроект.Детето почнува да верува дека не е доволно само по себе. Дека мора да биде подобро, попаметно, поуспешно, попослушно или покорисно за да биде сакано.Возрасниот никогаш не чувствува дека е доволен.Без разлика колку ќе постигне, секогаш мисли дека треба уште малку.

Најтажното не е тоа што сме ги слушале овие реченици. Повеќето родители ги изговарале со добра намера, верувајќи дека така ги подготвуваат своите деца за животот.

Најтажното е што, многу години подоцна, тие гласови сè уште живеат во нас.

И секојпат кога ќе посакаме да бидеме свои, тие тивко шепотат:

„Не така…“ „Не смееш…“ „Не си доволен…“ „Што ќе речат другите?“

Исцелувањето не започнува кога ќе ги замолчиме тие гласови. Тоа започнува во мигот кога ќе ги препознаеме и ќе се запрашаме:

„Дали ова навистина е мојот глас, или само глас што премногу долго живеел во мене?“

Препорака на д-р Мимоза Давчева:

Можеби додека ја читавте оваа статија, во некој приказ препознавте дел од себе. Можеби се препознавте во човекот што никогаш не плаче. Во жената што секогаш им угодува на другите. Во оној што цел живот докажува дека вреди. Или во личноста што толку долго ги исполнувала туѓите очекувања, што веќе не знае кои се нејзините.

Ако е така, немојте да се осудувате. Запомнете една важна вистина. Маските не сме ги создале затоа што сме слаби. Тие сме ги создале затоа што некогаш биле најдобриот начин да ја зачуваме љубовта, сигурноста или припадноста. Проблемот не е што сме ги носеле. Проблем е ако никогаш не се осмелиме да ги симнеме.

Гешталт психотерапијата не се обидува да ви даде нов идентитет. Не ве учи како да станете некој подобар. Не ви нуди уште една маска, само поубава од претходната.

Таа ве поканува на нешто многу похрабро. Да застанете. Да се слушнете. Да почувствувате што навистина се случува во вас, токму сега. И полека да почнете да го разликувате гласот на својата душа од гласовите што со години сте ги носеле како свои. Затоа што вистинската слобода не започнува кога светот ќе престане да бара нешто од нас. Таа започнува во мигот кога ќе престанеме да живееме само според она што светот очекува од нас. Можеби тогаш нема да станеме некој нов. Можеби, за првпат по многу години, едноставно ќе се вратиме дома… кај себеси…

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.