Д-р Виларова: „Неопходност од едукација за доследно спроведување на законските прописи во образовниот систем“

Објавено: 17 август, 2026, во 13:21 часот

Поттикнати од секојдневното говорење за остварувањето на правата на учениците во образовниот систем во државата, што како тема сериозно се наметнува за дисукусија во последните години, Дума.мк од општинскиот инспектор по образование – советник како и д-р по образовен менаџмент, Македонка Виларова, побара одговор на неколку новинарски прашања меѓу кои и за остварувањето на законските обврски како на учениците така и на родителите и на наставниците во локалната заедница. Во целост ви ги пренесуваме ставовите на д-р Виларова:

„Со законите и подзаконските акти од областа на образованието се уредуваат организацијата и функционирањето на образовните системи, правата и одговорностите на учениците, наставниците, родителите и образовните институции.   

Законските прописи коишто се збир од усвоени, задолжителни правила и правни акти што ги носат државните органи се неопходни затоа што создаваат правна рамка во која образованието може да функционира праведно, одговорно и квалитетно. Преку нив се определуваат и штитат правата и обврските на учесниците во воспитно-образовниот процес и истите придонесуваат за развој на општеството.

Преку доследна примена на законските стандарди се обезбедува квалитет во образованието и се определуваат условите за наставата, наставните програми, квалификациите на наставниците и оценувањето. Со целосна имплементација на содржините на законите и подзаконските акти се гарантира еднаков пристап до образование без дискриминација и еднакви права за сите ученици.                 

Законските прописи овозможуваат организираност на образовниот систем и преку нив се определуваат надлежностите на училиштата, државните институции и другите учесници во образовниот систем. Тие утврдуваат мерки за заштита од насилство, дискриминација и други ризици и се грижат за бездноста и заштитата на учениците.

Законите овозможуваат надзор над работата на образовните установи и преземање мерки кога не се почитуваат правилата и покажуваат одговорнот и контрола. Истовремено, тие овозможуваат образовниот систем да се приспособува на развојот на науката, технологијата и пазарот на трудот и истите се усогласуваатсо општествените потреби.         

Заради непречено функционирање и реализирање на образовниот систем неопходно потребно е запознавање и едукација на учениците и родителите со законските и подзаконските акти од областа на образованието. Едукацијата треба да ја вршат повеќе чинители, а не само училиштето. Едукацијата на учениците и родителите за законите, нивните права и обврски треба да биде заедничка одговорност.    

На почетокот и во текот на учебната година за време на родителските состаноци и други форми на средби, од страна на стручни лица препорачливо и неопходно е потребно да се врши континуирано запознавање и едукација на учениците и родителите со законски и подзаконски акти, правила и прописи.

Училиштата и наставниците потребно е да ги запознаваат учениците и родителите со основните закони од областа на образованието и детската заштита, со нивните права, обврски и правила на однесување.

Родителите/старателите потребно е да им ги објаснуваат основните правила, одговорности и последиците од непочитување на законите.

Стручни лица препорачливо е да одржуваат стручни предавања и работилници за практични правни прашања од областа на образованието.

Државните институции преку соодветни образовни програми, кампањи и материјали препорачливо е да обезбедат правилно информирање за законските прописи, права и обврски.

Полицијата и други надлежни институции потребно е да вршат едукација особено за теми како безбедност, насилство, злоупотреба, сообраќајни правила и заштита на децата.

Заради квалитетно функционирање и реализирање на воспитно-образованиот процес неопходно потребно е учениците, родителите, наставниците и сите вклучени учесници во образовниот систем да се запознаат и да им се објаснат содржините на:                   

Законот за основното образование, со којшто се уредува воспитно-образовниот процес кој се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем и којшто ги регулира права и обврски на учениците, наставниците и родителите, правилата во училиштето и заштитата на учениците.

Законот за средното образование, со којшто се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието и којшто ги регулира права и обврски на средношколците и правилата за средното образование.

Закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта со кој се уредуваат условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и средните училишта, засновањето на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.

Законот за заштита на децата со којшто се уредува системот и организацијата за заштита на децата и заштита на детето, забрана на насилство и дискриминација и одговорности на возрасните.

Законот за спречување и заштита од дискриминација со којшто се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација,постапките за заштита од дискриминација, како и еднаквост и заштита од дискриминација.

Училиштето неопходно е потребно и има должност да ги запознае учениците и нивните родители и со следниве законски прописи:

Куќен ред-Кодекс на однесување во училиштето, којшто објаснува како треба да се однесуваат учениците, наставниците и посетителите, односно објаснува што им е дозволено, што се нивните обврски и како се заштитени.

Правилник за начинот на изрекување на педагошките мерки, со којшто се регулира и објаснува кои мерки се преземаат кога ученик не ги почитува правилата.

Правилници за оценување и напредување на учениците, во којшто се објаснува начинот на оценување, испрашување, поправни испити и напредување.

Правилници за заштита од која било од формите на насилство, злоупотреба, занемарување и дискриминација во коишто е објаснето како се препознава, спречува и пријавува насилство.

Правила за безбедност и заштита при престој во училиштето преку кои се запознаваат со постапување при опасност, повреда, пожар и други итни ситуации.               

Правила за користење мобилни телефони и електронски уреди со кои се објаснува кога и како може да се користат во училиштето.

Правила за користење на интернет и училишните дигитални системи со кои се регулира одговорно и безбедно користење на технологијата.

Правилници за начинот на изведување на екскурзиите, излетите и другите вонучилишни активности на учениците од основно и средно образование со кои се регулираат начините на реализирање на ученичките  екскурзии, излети и други вонучилишни активности.

Правилници поврзани со ученичко учество во кои се регулирани ученички организации, учество во донесување одлуки и застапување на интересите на учениците.

Најсоодветно е училиштето да има главна улога во систематската правна едукација, во континуирана соработка со родителите и стручни лица. Потребно е семејството и училиштето да соработуваат, бидејќи така учениците добиваат и воспитување и квалитетно образование.       

Од особена важност е дека учениците, родителите и сите учесници во образовниот систем не треба само да се запознати дека постојат закони и подзаконски акти (правилници, упатства, уредби, протоколи)  туку треба да знаат зошто постојат, кои правила важат за нив, какви права имаат и каде можат да побараат заштита ако правилата или нивните права се прекршат.

На тој начин учесниците во образовниот систем стануваат информирани, одговорни и свесни за своите постапки и последиците од нив. Познавањето на законските прописи и нивната доследна практична примена придонесува за создавање подобро, поодговорно и праведно општество во најдобар интерес на сите.“

д-р Македонка Виларова, доктор по образовен менаџмент

советник, општински просветен инспектор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.