Промени во Деловникот за работа на Совет на Општина Велес – членовите ќе дискутираат по еднаш на секоја точка а ќе чекаат за реплика

Објавено: 3 септември, 2026, во 14:32 часот

На 14 седница на Совет на Општина Велес беше променет членoт 69 од Деловникот за работа. Шеснаесетте советници на ВМРО ДПМНЕ изгласаа на една седница секој од 23-цата  членови да зборува само еднаш по секоја точка од Дневниот ред, во времетраење од 10 минути. Нема повеќе контрареплики туку само една реплика по исцрпување на Листата на пријавени колеги за збор. Тоа за предлагачот, претседателот на Советот, Даниел Јаневски е востановена практика како во Парламентот така и во други општини во Македонија. Особено кога, според Јаневски, со користењето на чести реплики и контрареплики седниците се претворале во маратонски.

„Сето тоа е за олеснување и правилно практикување на Деловникот односно овој Совет да личи на институција каква што е.  А не тука да си префрламе и често пати се заминува во погрешна насока па човек не може да ве запре,“ додаде Јаневски.

Советничката Звезданка Пешиќ во име на советничка група на Левица се сложи дека е потребно ограничување на говорењето на советниците во должина од по 10 минути, за секоја точка на дневниот ред, но не се сложи дека пријавен говорник, по втор пат,  може да добие право да зборува откако ќе се  исцрпи целата Листа со пријавените колеги.

 „Не се сложуваме со бришење на член 4 кој што овозможува право на повторно барање на збор откако ќе се исцрпи Листата на пријавени советници и затоа сметаме дека ни го ограничувате правото на говор на седниците. Ние бараме овој член да остане но да се ограничи времето на говорење на советниците,“ додаде Пешиќ.

Според советникот Јованче Манасков од СДСМ, локалната власт со оваа втора промена, по само неколку месеци, на членови од Деловникот за работа ја зголемила контролата над Советот, сакала да ги замолчи советниците и да го поседува Советот.  

„Ова ви е обид да си ја легализирате вашата неспособност, несработено, да си ги покриете неспремноста, да си го намалите просторот за прашања, за критики, за дебати  и така натаму“, додаде Манасков.

На 14 седница, по точката од дневниот ред за промена на член 69 во Деловникот гласаа  „за“  16 советници на ВМРО ДПМНЕ, тројца на Левица беа „воздржани“ и исто толку од СДСМ гласаа „против“. Членовите на велешкиот Совет, исто така, се докажуваа и околу времето на добивање на материјалите за седници поточно дали биле навреме или ненавреме испратени.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.