Во велешката касарна, втора година, се одбележа ден на патронот – Алексо Демниевски Бауман (фото)
Објавено: 4 септември, 2026, во 13:15 часот
Војниците и старешините на Команда за обука и доктрини положија свежо цвеќе и му оддадоа почит со едноминутно молчење како и со интонирање на химните на Македонија и на Армијата, на својот патрон – Алексо Демниевски Бауман. Свеченоста се одржа пред бистата во дворот на велешката касарна. На свеченоста дојдоа и поканети гости.

Пред присутните се обрати Командантот на КОД – бригадниот генарал Лулзим Нуредини со зборовите дека чествувањето е можност да се оддаде должна почит за животниот пат, храброста, истрајноста и посветеноста на Бауман кон идеалите за кои се борел. Исто така ги истакна значењето на вредностите што му припаѓаат на Бауман и којшто се трајно наследство.

-Секоја генерација има свои предизвици.Денешните се поинакви од оние со кои се соочувала генерацијата на Алексо Демниевски Бауман,но вредностите потребни за нивно надминување остануваат исти. Да се биде храбар денес значи одговорно да се извршува должноста.Да се биде истраен значи да не се откажуваме пред тешкотиите.Да се биде посветен значи секој од нас,на своето место и во рамките на својата професија, да придонесува за безбедноста, стабилноста и наредокот на нашето општество. Токму затоа,името што го носи оваа касарна нека продолжи да не потсетува дека почитта кон минатото најдобро се покажува преку одговорноста кон сегашноста и иднината,“ рече бригадниот генерал Нуредини.

Историски осврт пред присутните даде Александра Гиовска – историчар на уметност на Народен музеј Велес.
-Алексо Дениевки Бауман починал на 5 септември 1961 година во Белград. Само пет дена пред својот 56 роденден. Тоа што е најважното во неговиот живот е можеби што неговиот живот почнал, овде во Велес, додека животниот пат го однел во Советскиот Сојуз, во Шпанија, на Сремскиот фронт и во Белград. Од овие велешки улици тргнал еден млад работник со своите идеали и со желбата да остави трага во времето во кое живеел. Затоа кога денес го кажуваме името Алексо Демниевски Бауман не се навраќаме само на името на еден воен старешина туку говориме за еден велешанец, еден човек чиј живот ги преминал границите на неговиот град и неговата земја,но чии корени секогаш останале тука во Велес. Човек кој од работничките улици на Велес стигнал до боиштата на Шпанија и до врвовите на една Армија.Токму затоа неговото име денес не е само дел од историјата,тоа е дел од паметењето на едно време и генерација и еден град кој имаат свои луѓе во големите историски настани на 20 век. Денес оваа касарна гордо го носи неговото име, неговиот спомен продолжува да живее,а со него продолжува да живее приказната за Бауман, рече Гиовска.

Свеченоста ја збогатија најмладите фолклористи на КУД „Коле Неделковски“ кои изведоа неколку кореографии на познати македонски ора.
Убавка Јаневска


