Промовирано органско вино на винарија ,,Попова кула” во Демир Капија
Објавено: 5 ноември, 2026, во 16:55 часот
На промоцијата на органското вино, денеска, во винаријата ,,Попова кула” во Демир Капија винарницата доби сертификат за органско винско производство. Енологот Невен Андонов потенцира дека за производство на добро вино се потребни години макотрпна работа.
– Пред сè едно вино да биде добро, фино, изработено, треба да има препознатливост и карактер. Токму органското производство е услов:за лозата да се развие, кореновиот систем да се развие добро, по слободен пат, при што на крајот ќе ни даде добра и одлична суровина, додаде Андонов.
Притоа појасни дека денеска се дегустираат вина работени по методологија на европскиот правилник за производство на органски вина. Две регионални сорти на вина, едно интернационално и автохтоната македонска сорта ,,станушина”, сите изработени по органска технологија.
За Јордан Трајков, извршен директор на винаријата, денешниот е посебен ден затоа што по четири години напорна работа, добиен е сертификат како значајно достигнување.
– Сметам дека сите производители на земјоделски производи, треба да ги следат патеките на органското производство, затоа што тоа им го должиме, пред се на нашите деца. Ние и понатаму ќе продолжиме по овие стапки, истакна Трајков.
На настанот присуствуваше Перо Николов, претставник на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за кого исклучително важна е темата за органското производство на вино во државата со долга и богата традиција во лозарството и производството на вино која располага со климатски услови, плодната почва, сончевите денови и долгогодишно лозарско искуство за создавање вина со препознатлив квалитет и автентичен карактер.
-Не е доволно само да произведуваме квалитетно вино. Потребно е да произведуваме вино кое ќе одговори на современите барања на пазарот, на очекувањата на потрошувачите и на принципите на одржливо земјоделство преку органското производство кое добива особено значење, рече Николов.
Притоа истакна дека во услови кога европските и светските пазари сè повеќе бараат органски и еколошки произведени производи, ова претставува сериозна можност за македонските лозари и винарии.
Григори Поповски, еден од акционерите во винаријата, го отвори настанот и посака тој да биде искористен помеѓу присутните, за размена на искуства и знаења.
Горан Колев, претставник на Агенцијата што ги сертифицира органските производители „Процерт“, сертификациско тело што е акредитирано од Институтот за акредитација и е овластено од Министерството за земјоделство за вршење стручна контрола и сертификација, додаде дека во винарија „Попова Кула“ биле присутни четири години и помогнале во процесот на создавање на органско вино.
Убавка Јаневска
