Врсничко насилство е актуелна тема во Тиквешијата, од „Женско лоби“ со мерки за превенирање помеѓу средношколци
Објавено: 24 ноември, 2026, во 15:32 часот
Средношколци од Кавадарци и Неготино, учесници на Младински камп за активизам кој што беше организиран од „Женско лоби“ на Демир Капија го посочија и разговараа за случајот на врсничко насилство во Кавадарци во кој што две ја гореа со цигара трета ученичка од основно кавадаречко училиште, рече програмската раководителка Менче Николова.
„Го осудија и овој и општо сите видови на насилство кои што се случуваат за жал не само овде во Кавадарци, во регионот на Тиквешијата, туку и насекаде низ државата. Разговаравме дека е крајно време да се превземат мерки и да се стави крај на врсничкото насилство. “
Во рамки на проектот „Развивање на механизми за спречување на врсничко насилство“ на Женско лоби во три средни училишта конституирани се исто толку Центри за поддршка на жртви на семејно насилство во Тиквешијата чија цел е да понудат помош на деца кои биле жртви на овој вид на насилство како и советување за сторителите на насилствата.
-Пред се работиме на превенција и информираме каде треба да го пријават врсничкото насилство. Стручните служби на училиштата направија Протокол на постапување и советување не само на жртвите туку и на сторителите на насилството. Целта е да спречиме и да го намалиме бројот на насилство врз децата, додаде Николова.
Проектните активности содржат, исто така, активности и за подигнување на јавната свест на средношколците од кои се очекува со помош на родителите и наставниците да ги надминуваат непотребните последици. Согласно законски измени сторителите на врсничко насилство веќе завршуваат како казнети и во специјализирани установи во државата.
Убавка Јаневска


