МВР да го санкционира напаѓачот на екипата на Ал Џезира – бараат ЗНМ и ССНМ
Објавено: 10 септември, 2020, во 12:40 часот
10.09.2020
Осуда за нападот кон новинарската екипа на Ал Џезира пристигна вечерва од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде бараат МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.
На протестот кој вчера во центарот на Скопје го организираше политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, од страна на непознато лице, новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ од медиумот Ал Џазира биле нападнати и попречени во вршење на своите професионални новинарски обврски. Според видеата и изјавите на новинарката во врска со инцидентот, откако прашалo од кој медиум непознатото лице имало физички контакт со нив по што го турнало микрофонот на новинарката – се појаснува во соопштението.
Новинарката Смилевска на лице место го пријавила инцидентот на службеник од МВР по што, за сега непознатото лице, било тргнато на страна, а од службеникот било укажано дека соодветна прекршочна пријава ќе биде поднесена кон напаѓачот – потенцираат од ЗНМ и ССНМ.

Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите е неприфатливо во демократски земји, сметаат од Здружението и Синдикатот.
Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување, како и правото на информирање на граѓаните – се додава во соопштението.



