Заев: „Глобал“- симболот на модерна Струмица ќе го вратиме во нормала
3.01.2020
Уште од утре организираме масовна солидарна акција и за расчистување и за возобновување на „Глобал” и солидарна акција со финансиско помагање со сите можни аспекти кои ни стојат на располагање, пред се како држава, Влада, секако како Општина, но и како граѓани во духот на солидарноста, рече премиерот Зоран Заев денеска од Струмица, каде заедно со градоначалникот Коста Јаневски беа на увид по големиот пожар кој синоќа го зафати ТЦ „Глобал”.
Додаде дека е убеден оти многу брзо ќе го вратат „Глобал” во нормала и сите граѓани кои имаат уништено имот ќе им го вратат во првобитната состојба.
– Она кое што сакам да го испратам како порака до сите луѓе коишто ја изгубија својата егзистенција, го изгубија сето тоа што го создале во текот на целиот свој живот, а тоа е да имаат фирма, да имаат свои материјали коишто ги продаваат и од коишто живат. Глобал е симболот на модерна Струмица. Струмичкиот пазар е местото на собирање на струмичани и овде живее струмичкиот дух. Доаѓаат Божикни празници, празници на помагање, празници на солидарност. Цела Струмица, целата струмичка деловна заедница, општината, Владата, сите институции солидарно ќе се организираме да го возобновиме економскиот живот, подвлече премиерот Заев.
Претседателот на Владата истакна дека материјалните штети се огромни и оти се нанесени непоправливи економски штети на деловните субјекти кои работат таму.
– Добро е што нема повредени и нема изгубено човечки животи. И тоа е најважно. Сето друго се надоместува. Апелирам и до сите оние деловни луѓе коишто имаат свои ресурси на располагање уште денеска да почнеме да ги правиме плановите, да ги вградиме за да можеме да го расчистиме теренот, нормално штом ќе дадат согласност јавниот обвинител и МВР, откога ќе поминат нивните екипи и ќе констатираат евентуални причини за настанување на пожарот, подвлече Заев.
Тој изрази поддршка и благодарност на Територијалната противпожарна единица Струмица, која со шест возила, со 38 луѓе го гаснеше пожарот.
– Коментарите кои беа каде се други возила и луѓе беа внатре во самиот објект, во внатрешната страна. Сакам да изразам благодарност за солидарноста на општините и на соодветните територијални противпожарни единици на Валандово, Кавадарци, Штип и Радовиш коишто заедно со нашата струмичка екипа се справија со пожарот и некаде 10 минути до 4 часот наутро беше совладан и самиот пожар во „Глобал”, посочи премиерот Заев.
Ги повика оштететените граѓани од пожарот, веднаш штом се создадат услови по завршувањето на увидот, да си направат свој попис тоа го имаат и во своето книговодство што ќе бидат од помош на увидните екипи за штетите коишто се настанати.
– Секако еден дел не можат да пристапат да видат што има, што нема, но веднаш штом ќе можат да пристапат ќе можат и тоа да го видат точно за да го потпишат под морална и материјална одговорност коишто паралелно со книговодството ќе видат што ќе се утврди најпрецизно за штетата што е настаната, појасни Заев.
Одговорајќи на новинарско прашање за опременоста на пожарникарите, претседателот на македонската Влада рече дека државата постојано помага на противпожарните станици ширум државата.
– Секоја година купуваме по неколку возила. Ги помагаме противпожарните станици. Струмичката ППЕ е опремена, нормално несоодветно како што сите посакуваме да биде опремена. Ама со шест возила синоќа делуваа овде и сите екипи коиш беа слободни беа на располагање. Буџетот на ППЕ ширум земјава е дуплиран и денеска веќе соодветно се платени пожарникарите, а за тоа се обезбедени и соодветни материјални средства и за одржување на целата опрема, на обновување на опремата, како за личната заштита на пожарникарите, така и механизацијата, односно возилата коишто им се на располагање, истакна во одговорот Заев.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски рече дека е среќна околност што нема човечки жртви и вети оти се што е материјална штета со поддршка на централната власт ќе надоместат.
– Пред малку се сретнавме со здруженија на субјекти коишто работат во „Глобал”, тие веќе имаат свои видувања и ставови, да почекаме да заврши овој период на иследување, причини за оваа несреќа и така натаму и проценка на евентуалните штети и ќе почнеме со соработка, со организација на она што се вика помош, рече Јаневски, кој им се заблагодари на пожарникарите на нивната професионалност и на помошта од другите против пожарни единици од Радовиш, Штип, Валандово и Кавадарци.
Директорот на ЈПКД „Комуналец”, Зоран Горгиев, рече дека наредните денови ќе се изврши адаптација на пазарот „Чешел” за да можат оштетените, кои имаа тезги во „Глобал”, таму да продолжат со работа.