Османи на работна посета во Франција, средби со неколку владини функционери
23.02.2021
Во работна посета на Франција денес замина, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој ќе оствари средби со тамошниот министер за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.
Според информациите на Министерството, Османи во рамки на посетата ќе замине и до Елисејската палата, кадешто ќе го очекуваат средби со советниците во Кабинетот на претседателот, Емануел Макрон, Изабел Думон, надлежна за Континентална Европа и Турција, и со советникот за Европа, Александар Адам.
Покрај билатералните односи, на средбата ќе се разговара и за европските перспективи на Република Северна Македонија, како и актуелните прашања поврзани со пандемијата и соработката на тој план. Во рамките на посета на Франција, двајцата министри, Османи и Ле Дриан, ќе потпишат и неколку билатерални договори, се вели во соопштението на Министерство за надворешни работи.
Во агендата на Османи е предвидена и средба и со Марта Де-Сидрак, претседател на групата за соработка меѓу Франција и земјите од Западен Балкан на францускиот Сенат, а ќе има одделен состанок и со заменик генералниот директор на Француската Агенција за развој, Филип Бодуен.
Работната посета на Париз на шефот на дипломатијата, Османи е дел од неговата дипломатска турнеја низ земјите членки на Европската Унија, со цел презентација на европското досие на Северна Македонија и реафирмација на поддршката за нашата земја, додава Министерство за надворешни работи.