Заев најави влез во Грција за македонските државјани по 15 мај како и бесплатни патарини низ државата за граѓаните од Србија во летниот период
03.04.2021
Министерот за здравство Венко Филипче разговарал со ресорниот министер на грчката Влада околу отворањето на границата на Република Грција кога добил потврда дека на 14 мај, годинава, ќе се дигнат рампите на граничните премини „Богородица –Евзони“ и на „Дојран – Дојрани“. Ова го соопшти денеска Претседателот на Владата, Зоран Заев во Велес одговарајќи на новинарски прашања по завршување на симболичната свеченост за започнување на изградбата на Покриен градски пазар во Велес.
-Грчкиот министер за цивилно општество и други ресори, инаку надлежен за границите, му потврди и му дозволи на Министерот Венко Филипче да објави дека на 14 мај ќе се отворат граничните премини за граѓаните кои ќе имаат потврда за примена вакцина а секако и ПЦР тест. Грција остава резерва затоа што е членка на ЕУ а секако и може Европска Унија да донесе некакви поинакви правила. За нас тоа е многу важно поради економските активности, поради трговијата. Граѓаните знаат да ги развијат инвентивните модели и да отворат деловни активности како и економски соработки, покрај туризмот, само ако можат со физичко присуство и со разговори да седнат и да разговараат за големиот број на потенцијали што се отвораат во Грција и за кои, за жал, поради пандемијата беа застанати. Во едни такви околности јас верувам дека кон средината на мај ќе можеме слободно да се движиме кон Грција како што денеска слободно се движиме кон земјите од Западен Балкан, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Се надевам дека тоа ќе го направат и другите земји членки на ЕУ. Ние работиме на тоа затоа што сме мала економија, сме поврзани со соседите и со остатокот на светот и ни е значајно да ја објавивме информацијата. Како Влада, слушаме идеи од граѓаните, навистина една е прифатлива а таа е дека донацијата вредна 700 илјади евра што ја добивме од граѓаните од Србија, и за која немаше механизми како да ја платиме, како да ја позајмиме и вратиме, затоа да возвратиме кон граѓаните на соседна Србија на начин што кога тие во лето ќе ја поминуваат нашата граница, се надевам пред се одејќи за Охрид, Дојран, Преспа, или за Грција да им овозможиме винетки на нашите гранични премини за на сите со српската регистерска табличка и пасош да им овозможиме слободен превоз низ Македонија. Владата парите потребни за патарината на српските граѓани, ќе ги уплати на ЈП за државни патишта. На овој начин да возвратиме на силниот гест на пријателство и солидарност од пријателска Србија за добиените вакцини за нашите херои, за здравствениот персонал како и за 20 илјади вакцини „Спутник“, два пати по 10 илјади, за да го одржиме континуитетот на вакцинацијата што почна на 31 март, пред два дена, за да можеме да започнеме масовно да си го вакцинираме нашето население, рече Заев.
Тој додаде дека во време на недостаток на вакцини насекаде во светот, во регионот, па дури и во Србија многу е значајна покажаната солидарност од соседот Република Србија.
Убавка Јаневска