Ве молам помогнете да си го најдам синот: Уште се трага по момчето од Демир Капија!
06.04.2021
Вистинска мистерија е исчезнувањето на младиот Илија Лазаревиќ од Демир Капија, на кој му се губи секаква трага од 02. април, откако тоа попладне излегол од својот дом.
Како мирно, скромно и чесно момче, го опишуваат младиот Илија, неговите роднини, другари и пријатели кои неуморно организирано го бараат низ Демир Капија, а вчеравечер го пребарале и теренот се до Гевгелија.
– Ова е една огромна агонија за целото наше семејство. Син ми во последно време беше многу оптимистички настроен и апсолутно ништо не насетуваше дека ќе исчезне. Откако го испи кафето, во петокот некаде пред 16 часот излезе и од тогаш му се губи секаква трага. Од петокот вечерта, па се до саботата, тој не одговараше на телефонските повици, од кога мобилниот телефон му е целосно недостапен. Откако ми беше јасно дека мојот син го нема да се врати, јас веднаш пријавив во полиција, вели неговата мајка, Снежана Лазаревиќ.
Семејството Лазаревиќ има имот во општина Петровац на Млави, близу Пожаревац, во соседна Србија, каде Илија една година работел и престојувал, а каде моментално живее и неговиот брат со фамилијата.
– Илија, во последно време беше во потрага по работа, а бидејќи има работено на повеќе работни места во Скопје и други градови, па дури и во Република Србија, тој има огромен круг на пријатели, колеги и познаници до кои апелирам доколку имаат некоја информација, да ми се јават или пријават во полициска станица. Посакувам, веднаш да заврши оваа голгота и само тој да ми се врати жив и здрав, низ солзи раскажува неговата мајка.
Таа додава дека Илија од својот дом излегол облечен во темно црвена тренерка, кратки црни пантолони и сиви патики.Тој е висок околу 180 сантиметри, има средна градба, смеѓа коса и брада. Снежана апелира и ги замолува сите кои можеби ќе го видат или имаат било каква информација за нејзиниот син да се јават на нејзиниот телефонски број 078 910 566 или пак да пријават во полиција.
Од СВР- Велес го потврдуваат случајот, додавајќи дека интензивно се трага по лицето.
Мите Јаначков