ЈКП „Дервен“ со нова акција за собирање на гарабитен отпад од велешани
19.04.2021
Гарабитниот отпад, мебел, санитарии и градинарска опрема, претставува проблем за граѓаните кои нема каде да го складираат и немаат можност соодветно да го изнесат од својот дом. Поради ова Јавното комунално претпријатие „Дервен“ од Велес, еднаш годишно организира акција за собирање на овој тип отпад.
Голема е заинтересираноста од страна на граѓаните, тврдат од ЈКП „ Дервен“, и аргументираат дека во последната акција, минатата година, што поради корона состојбата траела од месец април до крајот на годината, вкупно биле собрани 80 метри кубни гарабитен отпад.
– Собирањето на овој вид отпад можам да кажам дека оди по договор со граѓаните. Тие како заинтересирани не контактираат и се договараме за денот и часот, кога ним им одговара да го изнесат отпадот од домовите, за веднаш нашата служба да може истиот да го утовари од улицата каде што живеат. Оваа услуга е бесплатна што претставува предност за граѓаните, рече Тодорка Андреевска.
Оваа акција се огранизира за време на пролетните денови, најчесто во месец април. Годинава акцијата ќе биде спроведена од 6 до 8 мај, за што е потребно заинтересираните граѓани навреме да се јават во велешкото јавно комунално претпријатие.
Стефани Манева