Иванова: Во чест на Рацин годинава и општина Кичево и се придружува на општина Велес, на Лопушник

Објавено: 9 јуни, 2026, во 16:06 часот

Во чест на македонскиот поет и револуционер Коста Солев Рацин, ултрамаратонците утре, среда, 10 јуни, рано наутро ќе го започнат својот 160 километри долг пат кон Лопушник, местото каде што пред 83 години трагично згасна животот на великанот на македонската литература.
Заедно со планинарите и велосипедистите, кои ќе тргнат од пред Полициската станица во велешкото село Извор, ултрамаратонците во сабота, 13 јуни, ќе се приклучат на делегациите што ќе оддадат почит на Коста Солев Рацин, поклонувајќи се пред неговиот споменик на Лопушник и на месноста „Дол“.

Дума.мк ја прашаше Александра Иванова, шеф на Кабинетот на Градоначалникот на Општина Велес, до каде се подготовките и што годинава ќе биде поразлично од претходните 62 посети на делегациите кои ќе заминат на Лопушник за да се поклонат на спомен обележјата кои го означуваат загинувањето на Коста Рацин.

„Во Сабота на денот на погибијата, делегација на Општина Велес, предводена од претседателот на Советот Даниел Јаневски и советници, заедно со претставници на СВР Велес и новинарите од Велес, во Кичево ќе се спои со делегациите од Општина Кичево. Тие ќе положат свежо цвеќе на месноста Дол и на споменикот на Лопушник. Со читање на поезијата на Рацин ќе биде испратена порака дека и по осум децении од неговото трагично заминување, борецот за слобода и еден од основоположниците на современата македонска литература продолжува да живее преку своето дело и стихови,“ вели меѓу другото Иванова.

Рацин заслужува секој кој го почитува неговото дело, да му оддаде почит. До местото каде што е убиен тешко се стигнува, па затоа Општина Велес ги става на располагање своите теренски возила, како и возилата на Територијалната противпожарна единица.

Ова е само еден од настаните во богатата годинешна програма на „Рациновите средби“.

Годинава, 63-тите Рацинови средби започнаа на 31 мај со атлетската трка „Трчаме за Рацин“. Литературната манифестација ќе заврши во двата дена, на 15-ти и 16-ти јуни во Велес , со Поетскиот митинг, доделување на Рациновото признание и на Почесното Рациново признание на годинешните лауреати.

Дијана Иванова

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.