Со три иновативни бизнис идеи, млади студенти од Неготино учествуваат во пограничен проект
20.04.2021
Тројца амбициозни млади студенти од Неготино имаат можност да ги претстават своите иновативни бизнис идеи и да се натпреваруваат со други млади, земајќи учество во Бизнис акцелераторска програма.
Станува збор за пограничен проект со Република Грција за стимулирање на иновативното претприемништво, финансиран од Европската Унија, имплементиран од Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Фондација за Претприемачки сервис за млади и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
Тоа што ги обединува младите луѓе од Неготино кои се дел од овој проект е тимската работа и нивно учество во работата на локалното Здружение на граѓани „Ековита״ од Неготино.
– Со првата идеја ќе бидат претставени иновативни и досега не познати за пазарот производи од грозје и печурки. Втората идеја се базира на производство на биоразградлива амбалажа, како замена за не разградливите материјали како пластика или стиропор. Додека пак третата идеја е една симбиоза, претставува земјоделска аптека, со цел едуцирање на земјоделците во поглед на користењето на биолошки препарати, како и навремено дијагностицирање на болестите кои се појавуваат во земјоделството, пред се лозарството, рече Кристина Тодорова. Таа е дел од проектниот тим и е носителка на една од идеите.
Во овој пограничен проект учествуваат околу 50 млади лица, кои откако ќе го поминат процесот на селекција, на крај најдобрите од нив ќе имаат можност и да ги претстават своите идеи пред потенцијални инвеститори.
– Прво ќе се изберат 30 идеи, кои потоа ќе бидат менторирани. Од тие 30 ќе се селектираат 18 идеи, чии подносители ќе се обучат во Охрид и во исто време ќе бидат надоградени со стручни совети од експерти од двете држави. Предвиден е и завршен настан што ќе се одржи во Солун, каде најдобрите идеи ќе имаат можност да бидат преставени на Бизнис форум на кој ќе присуствуваат потенцијални финансиери и инвеститори, рече Ристе Јанев. Тој е учесник во проектот.
Според Претседателот на здружението на граѓани „Ековита״, дипл. биоинженер Сашко Тодоров, станува збор за навистина интересни, иноватини и атрактивни бизнис идеи кои со дополнителна доразработка можат сериозно да бидат конкурентни на бизнис пазарот.
Тој се надева дека овие идеи ќе бидат препознаени во рамки на проектот и истовремено изразува поддршка за секоја наредна иновативна идеја што би произлегла од млади луѓе и во исто време верува дека доколку постои добра волја за работа секогаш може да се најде и начин за реализација. Поточно тоа што на прв поглед изгледа невозможно да стане лесно остварливо.
Мите Јаначков