Бошковски од Велес: Коалицијата „ВМРО за Македонија“ ќе им го врати ВМРО на вмровците
Отворените две албански паралелки во гимназијата во Велес се сериозен проблем на граѓаните кои живеат во градот, во централна Македонија, бидејќи во училиштето не се образуваат албански граѓани кои живеат во градот туку донесените од соседната општина Чашка, го издвои како прв суштествен проблем на велешани, Стојанче Ангелов носителот на листата со пратеници во ИЕ 3, на Коалицијата „ВМРО за Македонија“. Тој заедно со Љубе Бошковски денеска остварија средби со велешани.
– Сметаме дека нема потреба велешани да гледаат албанки како забулени шетаат низ градот. Ние сме за религиска слобода но, сметаме дека треба да се внимава на вакви појави бидејќи Велес е и срцето на Македонија. Како Коалиција ние постојано зборуваме и за употребата на албанскиот јазик . Сметаме дека онаму каде што има 20 % Албанци јазикот е нормално да се користи, според Уставот и законите во Република Македонија, но онаму каде што тие се помалку сметаме дека не треба да се користи албанскиот јазик, рече Ангелов.
Тој додаде дека токму во времето на владеењето на Никола Груевски и ДУИ во градот се затворени нов број на фабрики.
– Повеќе фабрики се затворени во Велес и тоа токму во владеењето на Никола Груевски како што се „Киро Ќучук“, „Жито Вардар“ и „Благој Ѓорев“ е пред затворање поточно вештачки се одржува во живот, додаде Ангелов.
Тој вети дека Коалицијата „ВМРО за Македонија“ по влегувањето во Собранието ќе се залага да се отвори широк дијалог со граѓаните за да се изедначат со Уставот без разлика на нивната верска и етничка слобода.
Коалицијата денешниот престој во Велес го најави како продолжување на победничката турнеја и давање на поддршка на нивниот носител и на кандидатите за пратеници на листата во изборната единица 3. Љубе Бошковски рече дека пратеничката листа ја предводи чесен човек и патриот кој во 2001 година бил спремен да го даде животот за Македонија па затоа граѓаните треба да му дадат поддршка за да ги одбрани интересите на бранителите во македонскиот Парламент како и сите интереси на граѓаните од третата изборна единица.
-Македонија цели 25 години е држава во која треба да владеат демократијата, правдата и да се почитуваат човековите права. Но, по 25 години самостојна Македонија ние слободно можеме да констатираме дека во Македонија е комплетно напуштена идеологијата на ВМРО откако со Љупчо Ѓоргиевски ние кажавме за каква Македонија се бориме. За овие десет години во Македонија е инсталирана ЈугоМакедонија од страна на оние кои себеси се нарекуваат вмровци. Во овие 10 години Македонија почна да се гради со стар материјал, поточно удбаши и нивните наследници. Од таков материјал не може да се гради Република Македонија. Затоа оваа Коалиција сака да каже стоп на ЈугоМакедонија. Сакаме да живееме во демократска и суверена Македонија, рече Бошковски.
Тој додаде дека учеството на оваа Коалиција на предвремените парламентарни избори на 11 декември е со намера да им се врати ВМРО на вмровците.
Ангелов, на крајот, му порача на ривалот од ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, да се ожени и да формира семејство за да не се подразбирале како лицемерни заложбите на Власта во кампањата за трето дете.
На пратеничката листа на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ која е со број 9 има двајца велешани. Кандидатот за пратеник Зоран Ѓуровски е на место број 7 и Билјана Настова на 19 место./У.Ј