Браната на велешко „Младост“ ќе добие безбедносна заштита
Пред неколку години стручни лица ја мереа издржливоста и стабилноста на браната што служи како преливен орган, на велешко езеро „Младост“. Тогаш експертите констатираа дека и покрај тоа што е изградена на крајот од 60-тите години на минатиот век, браната е во технички добра состојба што одговара на градежните и архитектонски стандарди иако се изминати над пет децении. Но поради пловните објекти, еден од нив и ресторан, менаџерскиот тим на ЈВП „Лисиче“ подготви Студија за ненадејно рушење на браната „Младост“ како превентива и секако заштита од евентуални катастрофи.
Студијата содржи повеќе сценарија што би се случиле доколку дојде до ненадејно рушење.
-Разработени се повеќе можности, зошто би дошло до такво рушење или пак нагло преливање на браната, што сите тие се дел од проектот на можни сценарија и соодветни реакции коишто би се случиле доколку дојде до таков вид на преливање на водата преку браната. Тоа што е значајно е што самата акумулација, односно самата брана, е проектирана со предвидено преливањето на водата преку круна. Тоа значи дека преливен орган на вишокот вода е самата круна на брана. Тоа е тоа што во овој момент се гледа, како водата прелива и е најнормален начин бидејќи така браната се ослободува од вишокот на вода. Во оваа Студија дополнително се разработени сите можни сценарија како што се: до каде би дошол поплавниот бран, дали би претставувал опасност за околината, за град Велес и за населените места како на пример Башино село. Целта на студијата е да се изработи Елаборат за анализа на последиците, да се постават најсовремени уреди коишто практично и во реално време би го мереле целиот мониторинг на самата брана, нејзините движења, сеизмолошкиот мониторинг и така натаму. И најбитно е да се организира и да се обезбеди систем за известување и тревожење во случај доколку постои одредена опасност, рече Дејан Аросвски, директор на ЈВП „Лисиче“.
Тој уверува дека во моментов се вршат пресметките за да се дојде до конечната сума на потребни финансиски средства и да се овозможи целосно реализирање на студијата. Сепак првичните проценки се дека комплетната реализацијата би чинела околу 300 000 ЕУР. Со овие финансиски средства ќе треба да се набават системот за мониторинг и системот за узбуна и тревога што овозможува на повеќе пунктови да биде инсталирана современа опрема за известување при катастрофи предизвикани од уривање на браната.
-Оваа година не сум сигурен дека ќе обезбедиме средства за реализација но ова е првиот чекор за конечно да направиме еден ваков тип на механизам коишто би ни овозможил многу поголема безбедност поврзана со браната. Повторувам дека нам и сега браната не ни создава проблеми. Ние интензивно работиме на браната во последниот период, следната година ќе имаме нарачани уште еден или два проекти поврзани и со самата структура на браната. Тоа го правиме за да имаме комплетна сигурност на објектот и одговорно тврдам дека сите наши сограѓани треба да бидат сигурни дека не постои никаква опасност со безбедноста на браната Младост, додаде Арсовски.
Според директорот Арсовски, финансиските средства може да ги обезбеди државата. ЈВП „Лисиче“ прво ќе настојува да ги обезбеди од државниот буџет. Сепак отворена е опцијата за обезбедување и на финансиски поддршки од донатори.
Инаку на езеро Младост изградената армирана бетонска брана, висока е 27 метри со должина на 73 метрии и се наоѓа на надморска височина од 247 метри. Таа е составен дел на акумулација што зафаќа површина од 0,52 км и во неа според последните сондирања има околу 6 милиони и 200 метри кубни вода или за 1 милион и 800 метри кубни помалку од изградбата. Причина за намаленената количина на вода е милта што е наталожена на дното на акумулацијата во изминатите пет децении.
Убавка Јаневска