Превентивна акција на СВР Велес: Апел за заштита од пожари и безбедно возење

Објавено на 18 јуни, 2025 во 13:10

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес спроведоа превентивно-едукативна акција на наплатните станици „Демир Капија“, на патниот правец Велес – Гевгелија и обратно и „Виничани“, на правецот Велес – Градско и обратно, фокусирана на заштита од шумски пожари и безбедно учество во сообраќајот.

Активноста беше реализирана под мотото „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари“ и „Пламените јазици се незапирливи“, со цел подигнување на јавната свест за ризиците од пожари, особено во летниот период кога високите температури значително ја зголемуваат опасноста од нивна појава.

Преку непосредна комуникација со возачите и патниците, полициските службеници ги потсетија граѓаните на важноста од одговорно однесување при патување, особено во близина на шумски предели. Укажано беше да не се фрлаат догорчиња од цигари или друг запалив отпад покрај патиштата, како и на обврската за внимателно движење низ природа.

Во рамки на акцијата, на возачите им беа поделени едукативни материјали со совети за внимателно и одморено возење, почитување на сообраќајната сигнализација и придржување до мерките за сопствена и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Со оваа активност, СВР Велес има за цел да ја зголеми безбедносната култура кај граѓаните, како и да ја поттикне соработката и довербата помеѓу полицијата и јавноста. Воедно, беше апелирано до сите граѓани навремено да пријавуваат случаи на несовесно однесување за да се овозможи брза и ефикасна реакција на надлежните институции.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.