Половичен одѕив за вакцинирање, следната недела можно дополнително попуштање на рестрикциитe
Следната недела дополнителни попуштања на рестрикциите ако продолжи стивнувањето на пандемијата, најави вчера Министерот за здравство, Венко Филипче.
Покрај скратувањето на полицискиот час и дозволата угостителски објекти да работат до 22.30 часот.
До надлежните пристигнале барања за отворање на салите за вежбање и зголемување на бројот на деца во градинките. Министерот Филипче информираше дека Комисијата за заразни болести смета дека е сè уште рано за тоа.
Процес на имунизација
Во однос на вакцинацијата, министерот смета дека одѕивот за вакцинирање треба да биде поголем.
Тој апелира до граѓаните да се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk за кој вели дека функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето.
Во текот на завчерашниот ден, како што кажа Филипче, од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање, само половина или 4.500 се појавиле за вакцинирање.
Тој соопшти дека процесот на вакцинација ќе се заокружи со министрите со оглед на тоа што имаат закажано патувања, а најави и продолжување на вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура.
Избот на вакцини
Засега, не се дозволува избор на вакцина, бидејќи, како што рече Филипче, сите вакцини се безбедни. Не се забележани контраиндикации, освен за вакцината на „Астра-Зенека” која не се дава на лица помлади од 60 години.
Очекувањата се дека во текот на мај треба да пристигнат близу 50 илјади вакцини „Фајзер”, односно секој понеделник по приближно 10 илјади вакцини.
Околу 14-15 мај, во зависност од тоа како ќе биде организиран транспортот, се очекува да пристигне и дополнителната количина од „Синофарм” обезбедена преку Министерството за одбрана.
– Тоа се чини дека ќе биде доволна бројка да се надополни системот на вакцинирање, рече Филипче.
За бремените жени и доилките кои пријавиле интерес да се вакцинираат со „Фајзер”, бидејќи според некои нивни согледувања, оваа вакцина е најсоодветна за нив.
Во однос на тоа дали се размислува за мобилни екипи кои би ги вакцинирале лицата кои живеат најоддалечено од местата на вакцинирање.
Филипче рече дека постои таква можност, нагласувајќи дека вакви тимови веќе функционираат за неподвижните лица и за оние кои се сместени во старечките домови.