Левица од Велес: Повисоки плати за работниците и плаќање на прогресивен данок
Партијата која за прв пат е на политичката сцена во Македонија и ги застапува интересите на работничката класа, социјалата и сиромашните граѓани, својот прв прес во Велес го одржа пред фабриката за шински возила „Колска“. Причина за тоа се, како што велат, четирите неисплатени плати на работниците. Од Левица сметаат дека ваквиот однос на сопственикот на фабриката, во случајов државата, кон своите работници е беден и понижувачки. дотолку повеќе, како што велат, поради фактот што Груевски на еден од митинзите најавил странска инвестиција за иста ваква фабрика.
– Со оглед на тоа дека ова претпријатие важи за единствено од ваков тип во Република Македонија, тажно, срамно, бедно и мизрено е во услови кога четири месеци работниците немаат земено плата вие да најавувате странска инвестиција со ист тип и вид како што е фабриката за шински возила во Велес. И при тоа восхитувачки да ја палите масата народ дека ќе вработите дополнителни 100 а вашите 120 чеда, работници овде мизеруваат. Ова е демистификација на големите странски инвестиции на Владата на ДПМНЕ со што уште еднаш се разобличува онаа мантра во јавноста дека оваа власт донела најголем број странски инвестиции, рече кандидатот за пратеник во третата изборна единица Игор Смилев кој се наоѓа на второто место на листата.
Доколку успеат да влезат во Парламентот, од Левица најавија дека ќе се борат за будење на свеста кај граѓаните за нивните одземени работнички права како и за тоа да можат да преговараат за нив со работодавачите. Во својата изборна програма тие утврдиле минимална плата но велат работниците сами ќе одлучеле која е реалната плата за нормален и достоинствен живот. Носителот на листата за пратеници во ИЕ 3, Марија Џонс смета дека крајно време е даноците да не бидат повеќе рамни туку прогресивни, во зависност од висината на месечниот приход на работникот.
– Веруваме дека овие работници од Колска и сите оние 75 проценти во Македонија кои што работат за плати до 15 илјади денари даваат многу повеќе во буџетот во проценти од својот приход отколку оние со многу повисоки примања. И сметаме дека е дојдено времето, поради огромните разлики кои што се создадоа во ова општество , не само заради социјалната правда туку затоа што и самата економија ја прави дисфункционална, даноците да не бидат веќе рамни туку прогресивни. Самите економски стручњаци велат дека веќе тоа не функционира. А и со оние високи казни за работодавците системски се задушуваше и претприемаштвото и работничката класа во Македонија. Конечно треба да дојде време кога секој ќе си го земе своето место, да создава вредност и да има пристоен живот, рече Џонс.
Левица нуди и правна заштита на работникот кој сака да го изрази својот револт преку штрајк и според нив секој што ќе го спречи тоа кривично ќе одговара./Д.С