Димовски: Сериозно и одговорно ќе пристапиме кон идеите, предлозите и сугестиите на граѓаните
„Остваривме низа средби со граѓаните, стопанствениците, дуќанџиите, пензионерите, земјоделците, здравствените и просветните работници и разговаравме за конкретни и реални теми од интерес за побрз развој на градот. Кон нивните идеи, предлози и сугестии ќе пристапиме сериозно и со голема одговорност“. Вака денеска, на последниот ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори, се обрати носителот на листата со пратеници од Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ во третата изборна единица, Илија Димовски.
Во Велес се гради, создава, инвестира, во Велес се отвараат фабрики и нови работни места само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Нашата главна цел и понатаму останува е намалување на невработеноста, отворање на нови работни места и поголем стандард за граѓаните. Во фокусот на Програмата РЕАЛНО на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија се создавање услови за изградба на нови фабрики, рестартирање на претходно пропаднатите фабрики и креирање на нови 70 илјади работни места, рече Димовски.
Тој уште еднаш ги презентираше приоритетните проекти од програмата РЕАЛНО кои се однесуваат на инфраструктурата, руралниот развој, зголемување на минималната плата, здравството, образованието, спортот и други. Димовски потенцираше дека граѓаните отсекогаш носеле вистински одлуки а тоа ќе го стореле и в недела, на денот на изборите./Д.С