Општините од Вардарскиот регион пример за меѓуопштинска соработка

Објавено на 17 јули, 2014 во 14:29

Проектот “Мрежа за инклузивен развој” на Вардарскиот плански регион е најуспешна пракса за соработка на општините во функција на развој на регионот. Овој проект за најуспешен денеска во Демир Капија го прогласи министерот за локална самоуправа Лирим Шабани.

„ Мисијата на мрежата е да ја засили координацијата меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор во создавањето на услови за развој на силна и конкурентна економија на планскиот регион. Економија која ќе понуди поголеми можности за вработување и истовремено ќе ги постигне неопходните социјални и еколошки стандарди,“ рече Шабани.

Во овој проект на Вардарски плански регион  учествуваат 17 субјекти  општини, центарот за развој на регионот, стопанските комори , занаетчиската комора и други.  Поддршката на УНДП за овој модел на соработка ќе се искористи уште во два плански региони во државата, североисточниот и пелагонискиот регион.

„ Иако е мала општина Демир Капија, сепак и таа рамноправно учествува во разботите за развој на регионот, но и во развојот на прекуграничната соработка“ рече градоначалникот на Демир Капија Трајче Димитриев и нагласи дека како резултгат на тие залагања   е и едукативниот тренинг центар за туризам во кој се одржуваше настанот.

Задоволни од успехот кој го постигна Вардарскиот плански регион се и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, а воедно и претседател на советот за развој на вардарскиот регион, претставникот на УНДП, Алесандро Фракасети и Марко Колев, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

Центарот за развој на Вардарскиот плански регион доби парична награда од 15 илјади долари од министерството за локална самоуправа. Парите ќе бидат искористени за реализација на проект од регионално значење.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.