Денеска е денот на планетата Земја
Во светот денеска со низа манифестација се одбележува Денот на планетата Земја – 22 Април. По тој повод ОН ќе се обидат да мобилизираат милиони луѓе да создадат одржлива, здрава природна средина со озеленување на градовите ширум светот.
– Повеќе од половина од светското население живее во градовите, бидејќи бројот на жителите во урбаните средини се зголемува, а последиците од климатските промени се влошуваат, нашите градови мора да еволуираат, се вели во пораката од свеската организација.
Препораката е да се инвестира во ефикасни и обновливи извори на енергија и да се намали загадувањето и да се забават климатските промени предизвикани од човекот.
ОН во наредните две години организираат кампања „Зелени градови“, што треба да прерасне во глобално движење.
– Воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и земјата од која расте нашата храна е дел од деликатниот глобален еко систем кој се повеќе е под притисок на човекчките активности. Од уништување на тропските шуми до намалување на рибите во океаните, од недостиг на вода за пиење до забрзаното намалување на растителниот и животнскиот свет, како и загадувањето на воздухот и морињата – се е тоа дело на човечките раце, вели генералниот секретар Бан Ки-Мун по повод Денот на планетата Земја.
Според него мора да се стави крај на брзото трошење на ресурсите на нашата планета и поради тоа е неопходно луѓето да го сменат однесувањето.
Најави дека на 23 септември во Њујорк ќе биде одржан самит на кој шефовите на државите и владите од целиот свет, како и лидерите на приватниот сектор и граѓанското општество ќе мора да донесат заклучоци и стратегија за градење на одржлива иднина.
Во Македонија ќе се одбележи со хуманитарна акција под мотото „Од децата за децата“, организирана од Регионалниот центар за животна средина и со ликовен хепенинг кој го организира Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Денот на планетата Земја е воспоставен во 1970 година, а целта му е човекот повторно да воспостави контакт со природата, односно да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење, исрпувањето на ненадоместливите енергенти и слично. Одбележувањето на овој ден почна во САД, а од 1992 година и во целиот свет. денес го одбележуваат повеќе од 175 држави.