(ФОТО) „Ромео и Јулија“ на велешки начин!
Вкупно дваесет и пет талентирани за глума ученици, осмоодделенци и средношколци, подготвија аматерска театарска претстава „Модерните Јулија и Ромео“ во која говорат за љубовта на свој, современ начин. Шекспировото дело им послужи како основа за сценариото што го напиша ученикот Никола Тасев но, претставата е пародија и е адаптирана на случки од секојдневниот живот на младинците во Велес.
Актерите говорат монолози и дијалози, во кои ги користат фразите и сленговите што најчесто се употребуваат меѓу нив, се шегуваат и во исто време испраќаат пораки дека љубовта треба да се почувствува, да се доживее и негува. Но, не онака како што ја живеатможеби нивните врсници во градот.
– Ние сакавме на културен начин да покажеме што е тоа некултурно што ни се случува значи сите лицемерија, работи што верски и државно не се поддржани. Го опфативме нашиот живот, модерното или трендот со кој живееме. Сепак направивме претстава во која Ромео и Јулија имаат среќен крај. И тоа го направивме од забава, рече Тасев.
Тој открива дека токму забавата им недостига во градот. Нивната престава има за цел да ја разбие монотонијата и за момент да понуди нешто ново. Салата „Бели Мугри“ синоќа беше преполна. Публиката, возрасна и млада, дојде и еден час се забавуваше со она што младите актери го изведуваа, пееја и свиреа на сцената.
Оваа група на младинци вели дека подготвува нова престава чија премиера нивните пријатели ќе можат да ја гледаат можеби уште наредниот месец.