Тутунопроизводители, министерството и откупувачи седнаа на иста маса
Револтот кај тутунопроизводителите полека стивнува. Откупните компании ќе склучат договори со сите тутунопроизводители. Ваква одлука донеле претставниците на министерството за земјоделство, откупувачите и сојузот на здруженија на тутунопропизводители на вчерашната средба.
Тутунарите дури се сложија годинава да произведат помалку тутун, но под услов тоа да биде сразмерно кај сите производители.
– Точно дека годинава ќе се произведува помалку тутун некаде за 6 до 7 илјади тони тутун, но битно е дека секој тутунопроизводител ќе може и понатаму да произведува и да егзистира од тутунот, рече Данчо Милевски, претседател на Сојуз на здруженија на тутунопроизвподители.
Да се намали ама кај секого сразмерно и да се остави простор да се склучи договор со нови производители и тие да можат да заработат некој денар од тутунот, бараа тутунарите.
Над триесет и шест илјади семејства во Македонија егзистираат од тутунопроизводството. За нив дури и не е важна субвенцијата од едно евро за килограм колку што е важен договорот. Велат на тој начин ќе бидат сигурни дека тоа што ќе го произведат и ќе го продадат.
– Битно е да имаме договарачи, ако немаме, ние не можеме да произведуваме, а без тутун ние не можеме да живееме, бидејќи сите сме невработени велеа тутунарите.
Тие добија ветување од ресорното министерство дека до крајот на месецот ќе биде откупен и последниот лист тутун./Д.С