Овој 8-ми март без традиционалните тезги со подароци пред судот
На само три дена пред меѓународниот празник на жената, ги нема традиционалните осмомартовски тезги во Велес. Полека но сигурно се губи духот на овој празник. Платото пред основниот суд, годинава, остана празно. Го нема шаренилото од цвеќе, парфеми, бижутерија и какви ли уште не дребулии за подарок. Од општината велат, слаб бил интересот, да закупат тезга побарале само тројца велешани.
Ноо годинава требало да почитуваат нови правила. Нема повеќе тезга со закуп на слободен простор. По сугестија на пазарната инспекција, оние кои ќе сакаат да вршат продажба, ќе мораат да регистрираат фирма или трговско друштво. Единствено така легално ќе можат да заработат.
И наместо да ги почитуваат новите правила, тезгаџиите и годинава се снајдоа. Своите импровизирани тезги ги поставија на тротоарот од спротивната страна на улицата. Се жалат на ваквата одлука на надлежните, велат, не можат да се изложат на толкав трошок за да отворат фирма, бидејќи нема да го заработат.
„Отидов да побарам за тезга и ми велат дека не може повеќе да се закупува само тезга, туку морам да отворам фирма. Кај ми се исплаќа мене да дадам две илјади денари за фирма за само три дена што ќе продавам тука“, рече Кадри Мутевски.
Десетина тезги се наредени на тротоарот на главната улица. Нивните сопственици стравуваат од пазарната инспекција, но и покрај тоа ќе си ја испробаат среќата да заработат нешто. Меѓу нив има и такви кои без страв, отворено ќе се спротивстават на надлежните органи.
„Нека дојде инспекција, ќе им кажам се. Не може воа вака, едвај заработуваме за парче леб, па одозгора и да не бркаат. Тука ќе бидеме само три дена“, рече Кадри.
Долги години наназад, десетици тезги, преполни со стока, една недела пред Осми март го оживуваа просторот пред судот. Таму можеше да се најде подарок за секоја мајка, баба, сопруга. Надлежните го исчистија со намера да воспостават ред почитувајќи ги законските прописи, но одзедоа значаен дел од духот на овој празник./Д.С