Локалната власт на Кавадарци на средби со граѓаните
Решавање на проблемот со паркирањето во градот и поставување на улично осветлување на заобиколниот пат северен булевар се главните барања кои синоќа жителите на урбаните заедници „Задругар“ и „Кула“ ги испорачаа до градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов и останатите претставници на локалната власт. Средби ќе бидат одржани со сите жители во урбаните и месните заедници на подрачјето на општината.
Жителите од првите две урбани заедници кои беа на средбата, исто така, побараа проектот за реконструкција на фасадите на зградите да продолжи и во останатитот дел од градот, а не само во централното градско подрачје.
Градоначалникот им кажа дека во втората фаза со проектот ќе се реновирале фасадите на зградите од старата автобуска до поранешна „Авто Македонија“. Граѓаните рекоа дека се задоволни што минаа прво лето без рестрикции на водата за пиење.
Тие ги слушнаа проектите кои локалната самоуправа ги планира за реализација до крајот на годината. Посебно беше нагласен проектот за дополнителни 200 литри вода во секунда, со кој трајно ќе се решел проблемот со водоснабдувањето веќе од крајот на овој или почетокот на наредниот месец./А.Д