Ќе се реконструира патот Градско-Прилеп каде загинаа многу луѓе
Државата ќе ја решава црната точка на магистралниот пат Градско-Прилеп каде годишно се случуваат по педесетина сообраќајни несреќи во кои гинат многу луѓе. Веќе за овој пат годинаипол се работи на проектна документација и според најавите од Јавното претпријатие за државни патишта на Македонија документацијата ќе биде готова до крајот на годината.
Како што е планирано, од клучката кај Стоби до Прилеп ќе се гради во најголем дел нова траса, а на места новата траса ќе се испреплетува со старата. Патот ќе има широчина од 12 метри, со 4 ленти од по 3 метри.
Како што објаснува директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски, најкритичниот дел кај Фаришката Kлисура ќе биде со комплетно нова траса. Наредната година била предвидена експропријацијата и првата фаза на градбата, која ќе го опфати делот кај Фаришката и Дреновската Kлисура во должина од околу 13 километри со нови тунели.
30 милиони евра ќе чини реконструкцијата на патот на најкритичните места на Фаришка и Дреновска клисура.
Заклучно со август годинава, на патот Градско-Прилеп се евидентирани вкупно 41 несреќа, во кои едно лице починало, а 15 лице добиле тешки повреди. Во 2011 година имало вкупно 47 сообраќајни несреќи. Во три од сообраќајките имало 3 починати лица, а 13 биле тешко повредени. Според статистиката на СВР Велес ист број на сообраќајки имало и во 2012 година. Во две од вкупно 47-те несреќи загинале 3 лица, а над 50 лица се здобиле со тешки или полесни повреди.
Неприлагодената брзина спрема лошите услови на патот е главната причина за големиот број несреќи кои се случуваат на овој магистрален пат./А.Д