Негувајте ги рацете!
Објавено: 18 септември, 2013, во 08:51 часот
Без разлика колку креми и трикови користите за нега на лицето и вратот, рацете се тие кои ќе ја откријат вашата вистинска возраст. За да стареете достоинствено, неопходна ќе ви биде дополнителна нега за вашите преработени раце. Без тоа, тие ќе изгледаат суво, набрчкано, со набрекнати вени и свенато.
Во секоја прилика – навлажнете ги! Користете креми и лосиони за вашиот тип на кожа. Во чантата носете си мали тубички со крем за раце кои ќе ви бидат секогаш при рака. Имајте ги при рака и на местата каде најчесто се наоѓате – во кујната, бањата, на работното место, за да можете по нив да посегнете во секој миг.
Домашен лек направен од глицерин, лимонов сок и розова вода во еднакви количини е исклучително ефикасен за прва помош на искпукани и суви раце.
Кремите со заштитен фактор се исто така важни за вашите раце како и за вашето лице.
Секогаш пред спиење мијте ги со благ сапун и додека се сѐ уште водени, измасирајте ги со една супена лажица сода бикарбона која ќе ви ги ексфолира рацете. Потоа исплакнете ги добро.
Користете мека крпа со која само ќе ја впиете водата, без триење.
Додека се сѐ уште влажни, нанесете поголема количина вазелин, која ќе помогне влагата да се зачува. Потоа ставете памучни ракавици и оставете ноќта да отстојат. Ќе се разбудите со подновени, свежи и младолики раце.
