ФОТО – Тиквешкиот гроздобер започна
Со концертот на ДНК вечерва во Кавадарци започна тридневното чествување на грозјето и виното. Започна тиквешкиот гроздобер кој годинава нуди многу забава. Атмосферата на градскиот плоштад покрај виното кое се нуди на штандовите на винариите започна да ја загреваат дечките од ДНК.
Веднаш потоа следеше дополнително загревање на атмосферата од девојките кои специјално за гроздоберот дојдоа од Куба. Хавана Микс е вистинка атракција.
Пристуните на гроздоберот во секој момент го очекуваат почетокот на концертот на Каролина Гочева. Во Кавадарци дојдени се многу млади од земјава кои вечерва, утре и во недела ќе ја почувствуваат гостопримливоста на кавадарчани, а ќе се загреваат и со вино и ракија.
Во сабота ќе се случи централниот настан, винскиот карневал. Ќе продефилираат бројни поставки како од домаќинот, така и од гостите од земјава и странство. Симболично ќе биде откинат и првиот грозд, а кралот и кралицата кои се избираат вечерва во винската куќа во градкиот парк ќе кренат здравица за бериќетен гроздобер, полни бочви и подобра иднина на лозарството и винарството.
Од 11 до 15 часот на плоштадот ќе биде поставена изложба на олд тајмери, ќе има настап на фолклористи, а за најмладите во текот на денот ќе се пеат песничките од фестивалот на детска песна „Гроздоберче“.
Вечерта по винскиот карневал ќе настапат Тамара, Кирил Џајковски и Масимо Савиќ.
Гроздоберот ќе понуди забава и во недела. На пладне ќе се одржи детскиот карневал, од 18 часот ќе настапат локални бендови и естрадни уметници, а вечерта ќе се одржи музички хепенинг на кој ќе настапат Синтезис и Фрајле.
Кавадарци нуди забава и ве очекува да бидете и годинава гости./А.Д