Кавадарчани не сакаат поголемо загадување од Фени!
Kавадарчани не сакаат дополнително загадување од оџаците на „Фени индустри“ по најавите дека од 15 на 25 отсто ќе се зголеми учеството на иситнета гума во производствениот процес. Вака комбинатот ги затоплува двете печки.
На јавната трибина, ставот на Кавадарчани, пред преставниците на Фени го соопшти претседателката на советот на општина Кавадарци, Горица Пеливанова Вилхелм.
Но, мислењето на кавадарчани не го делат вработените и менаџерите на „Фени“. Тие сметаат дека граѓаните не треба да стравуват за своето здравје бидејќи не било штетно горењето на отпадна гума во производниот процес на комбинатот. Според директорот Никола Ризов компанијата ги почитува и работи согласно законските прописи на државата.
– Горењето на гумата е контролирано и според сите стандарди за што постојат мерења и валидни податоци. Процесот на работа кај нас одговара за да се врши една ваква постапка при која ние тврдиме дека нема негативни ефекти за околината. Горењето гума во вакви услови е тренд во светот а компанијата секогаш ги следи модерните трендови и вложува во заштитата на животната средина, рекоа претставниците на Фени.
Сепак кавадарчани, на јавната расправа, рекоа ако се зголеми процентот на отпадна гума при загревањето на печките во Фени тогаш ќе бараат помош од државата. Ова го слушнаа преставниците на министерството за животна средина и просторно кои ја следеа расправата во зградата на општината.