АНКЕТА: КТВ со највисок рејтинг во повардарскиот регион
Со 7,8% гледаност регионалната телевизија КТВ од Кавадарци има највисок рејтинг помеѓу телевизиските канали во Повардарскиот регион. Останатите телевизии во регионот кои имаат измерен процент на гледаност се Тиквешија со рејтинг од 4,7% и Здравкин од Велес со рејтинг 1%.
Овие резултати се содржани во извештајот од направената анкета за мислењето на публиката за различните програми на домашните радио и тв канали спроведена во април годинава на репрезентативен примерок од 1070 испитаници со интервјуирање на случајно избрани граѓани и домаќинства. Анализата е објавена од Советот за радиодифузија, а изработена од Market Vision во период пред почетокот на процесот на дигитализација и регионализација.
Најголем дел или 34% од испитаниците гледаат телевизија во текот на денот повеќе од 4 часа. Помеѓу 2 и 4 часа дневно телевизија гледаат 32,5 %, помалку од половина час гледаат 4,6 % од граѓаните, а 0,9% воопшто не гледале телевизија.
Македонските граѓани најмногу сакаат да гледаат вести и информативни програми. Вака одговориле дури 84,3% од анкетираните. Серии гледааат 62,8%, филм 62,1% и спорт 43,4%.
Во домаќинствата низ Македонија најмногу телевизија се гледа преку кабелски оператор, дури 58,3 отсто од испитаниците. Преку Макс тв гледаат 17,7%, преку БООМ 11,5, со класична антена 7,4%, а индивидуален сателитски приклучок имаат 2,6% од анкетираните граѓани.
A.Д