Лозарите во лавиринт од кој неможат да излезат!
Илјадници евра поризводителите од Тиквешијата имаат само на хартија. Ниту правосилните судски пресуди не му помагаат во обидот да си ги наплатат своите мачно заработени пари. Државата е не надлежна да постапува, извршителите нема што и од каде да наплатат.
Восислав Стошиќ од селото Сирково е дипломиран агроном но со години егзистенцијата за семејството ја обезбедува како лозар, кој напорно работи од утро до мрак. И покрај чесното и напорно работење со целото свое семејство има пари само на хартија. Винарските визби нему му должат околу 25.000 евра за грозје предадено во 2005 година и за неколку години потоа. Тој е еден од стотината лозари кој има за наплата на својот род поголема сума и од винарската визба „Винеа“. И со правосилни извршни пресуди, за чии судски процеси потрошил 3.500 евра, овој човек неможе да дојде до своите пари.
Вели дека со парите заработени со многу мака и пот кои му ги должат визбите, може да живее многу подобро од сега, да купи стан во Кавадарци, но и без проблем да си ги подмирува сметките кои редовни му пристигнуваат за струја, вода, телефон.
„ Винарите многу манипулираат со нас, па ние, лозарите, работиме за бадијала. Залудно се мачиме од утро до мрак по лозјата. Работиме, а не можеме да заработиме за гола егзистенција, а не пак да спечалиме нешто. Дел од парите што ги имаме за земање се за грозје на татко ми и мајка ми, бидејќи дел од насадите се на нивно име. Мајка ми веќе и почина чекајќи да си го земе заслуженото за работата“ вели овој лозар и ги објаснува маките со кои се соочува, чекајќи ги своите пари. Имам толку многу пари за земање, ама незнам дали и кога ќе ги земам. Принуден сум да позајмам од некој близок пријател или роднина за јадење. Морав да земам кредит за да платам воден надоместок што ги наводнувам нивите. Земјоделството си има трошоци за агротехнички мерки, кои треба да се завршат и не чекаат. Имајќи заработено, сега сум без денар во џебот. Визибите прават многу манипулации и мора државата да ги санкционира. Тие работат со две сметки, со различни фирми. Една блокирана сметка, а со друга слободно си работат. Ова мора да се истражи и санкционира“ револтирано се жали овој лозаро-производител.
Гоце Милошев од истото село е исто така лозар кој по се изгледа залудно се обидува со години да си наплати 7.000 евра од винарите.
Тој вели дека лесно е органите на прогонот да си ја завршеле работата со визбите кои манипулираат, но стравува дека во валканите игри може да е вмешан некој “голем“ па затоа визбите спокојно си должат без око да им трепне за лозарите.
„ Моравме грозјето да го носиме по втор и трет пат кај ист винар бидејќи тоа не е жито да го складираме по амбарите и да чека подобри времиња“ коментираат овие лозари кои се влезени во лавиринт од каде неможат да излезат.
„Винеа“ од селото Паликура во Росоман веќе три години никако да го исплати откупеното грозје. Иако имаше неплатено грозје откупуваше нови количини и направи нови долгови кон своите партнери. Сега тие очајно бараат помош од судовите и државата. Речиси сите кои имаат за наплата побарување од оваа винарија, талкаат од врата до врата барајќи помош со правосилни извршни пресуди. Решение за нивниот проблем никако да се најде. Ако се анализира целата состојба може да се заклучи дека овие лозари тешко ќе дојдат до своите пари. Винаријата е на продажба бидејќи сопствениците ја ставиле како хипотека во Охридска Банка за подигнат кредит. Дознаваме дека деновиве имало мало раздвижување во исплатата. Сопственикот на визбата Горан Трајков тврди дека се исплаќаат долговите.
„Винеа“ почна да откупува грозје во 2009 година. Тоа ги зголеми надежите на лозарите дека ќе има конкуренција при откупот. Првата година од почнувањето со работа на „Винеа“ беше родна година. Лозовите плантажи тежеа со грозје, а лозарите испаничени дека дел од родот ќе остане на нивите, буквално се молеа кај винарите да го откупат. ВВ „Винеа“ откупи 3,5 милиони килограми повеќе од планираното, па во оваа визба беа собрани скоро 10 милиони килограми грозје. Тука почна и главниот проблем.
„Во 2010 година настапи винска криза. Виното не се продаваше и ни остана резерва од 60 проценти. Со тоа почнаа дополнителни компликации. Фирмата уште на самиот старт беше исцрпена, беше нова. Од 2010 година до денес постојано се бориме“, вака почна да ја опишува состојбата во винарницата сопственикот Горан Трајков, која од 2009 до 2012 година имала откупено грозје во вредност од околу 250 милиони денари.
Новата винарница се соочила со вишок грозје и резерви на вино, па почнале и финансиските проблеми. Додека Трајков се обидувал да го исплати кредитот кон Охридска банка за изградба на визбата, продолжил откупот на грозје и следната година. Повторно биле откупени сите понудени количини.
„Требаше да се покриваат ратите за кредитот, но и долгот кон лозарите. Од Министерството за земјоделство не’ притиснаа до почетокот на откупот од реколтата 2010 да го исплатиме стариот долг. Сите пари кои доаѓаа од виното беа насочени за исплата на лозарите, поради што доцневме со отплата на кредитот. Тогаш се појави фирмата која сега ја купи обезвреднета винарницата. Нејзината сопственичка ни вети дека како наш партнер ќе ни помогне да обезбедиме средства за исплата на лозарите, но и за враќање на кредитот. Се работи за истата жена (кај винарите позната како Петра од Германија) што ја упропасти и „Џумајлија“. Правевме пресметки како да работиме заедно. Таа ги знаеше сите деловни тајни на винарницата и целата документација“, вели Трајков и објаснува дека таа фирма го направила првиот обид да ја купи винарницата наместо за 170 милиони денари, колку што била проценета винаријата, за само 70 милиони денари.
Таквиот обид за продажба преку протест и приговор до судот во Кавадарци го стопираа лозарите. Основен Суд Кавадарци утврди дека поради повреда на законската одредба за достава на предметот од извршител, е поништена продажбата на визбата. Тогаш од судот објаснија дека единствена причина за ваквата нивна одлука било тоа што должникот не е известен од извршителот за продажба на неговиот имот.
Продажбата беше стопирана, па се одеше на нова продажба и до денес визбата не е продадена. Нашите информации говорат дека Охридска Банка бара купувачи за да си го наплати нејзиното побарување, но тоа не значи дека до пари ќе дојдат и лозаропроизводителите кои секојдневно при средба со нас новинарите прашуваат дали има некоја вест дека визбата ќе почне да го плаќа долгот.
“ Од 2006 па во наредните години Основен Суд Кавадарци постапуваше по 109 тужби против винарската визба „Винеа“ за долг кон лозарите. Најголемиот дел од нив се од физички лица поднесени во 2011 година. Оваа година имаме добиено само една тужба за наплата на побарување. Винеа во голем дел од тужбите е второ тужена. Првотужен е откупувачот кој октупувал грозје за оваа винарија“ рече претседателот на Основен Суд Кавадарци, Зоран Јосифовски.
„ Лозарите кои тужеа за 10 илјади денари со извршител ми наплаќаа по 30 илјади. Само по основ на такви трошоци за извршители имам платено 5 милиони денари. Луѓето доаѓаа, молеа да го земам грозјето. Не пробавме да им намалуваме цена по основ на неквалитетно грозје како што тоа тогаш им го правеа други винарници. Се надевавме дека продажбата на вино ќе тргне и ќе исплатиме се’“, вели сопственикот на „Винеа“.
Иако менаџментот на визбата имаше во план до крајот на февруари да ги исплати старите обврски, а за грозјето од 2012 кое третина е платено да го доплати до април тоа не се случи. Сега визбата е без дозвола за нов откуп.
„Лиценцата на Винеа им е одземена за откуп на грозје и нема шанси да им се врати лиценцата додека не го направат тоа што треба да го направат според закон, а тоа е да го платат грозјето.. Ако должат на пример 500 илјади евра, на долгот треба да платат 10 отсто на државата и законска затезна камата на лозарите, за тоа што не успелае навреме да ги исплатат. Ние направивме измени во законот со цел да го регулираме ова. Винеа додека не го направи ова ние нема да ја регистрираме за откуп на грозје од оваа реколта“ вели заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски.
Тој објаснува дека визбата сега има залихи на вино од околу 250 илјади литри. За да го извезат ова вино потребно е да добијат одобрение од министерството.
„ Во законот стои, ако некоја винарија е избришана од регистарот за да го продади виното треба да достави барање во рок од 15 дена, а тие во рок од 15 дена не доставија барање. Не се работи за некоја значителна количина, вредно е околу 50 илјади евра“ рече Коњановски.
Од канцеларијата на Народниот правобранител во врска со овој случај ни рекоа дека не се надлежни да постапуваат бидејќи се работи за договорни обврски помеѓу две страни. Единствено лозарите преку суд можат да ги бараат парите. Тоа тие веќе го направија но правосилните пресуди немаат никакво влијание за наплата.
Иако баравме став и од ивршителот кој работи по предметот на „Винеа“ одговор на нашите прашања кои ги доставивме на електронската адреса и по СМС порака не добивме,
На лозарите по се изгледа им останува да се откажат од своите мачно заработени пари бидејќи нивниот партнер нема пари да им го плати долгот. Тие се чувствуваат понижени и излажани, но она што е најболното за нив, загубија многу чесно сработени пари во лавиринт од кој неможат да излезат ниту со правна заштита и помош.
автор на сторијата: Ангел Данов
Истражувањето е подржано од Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија – Скопје во рамките на проектот “Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување.