Поморот во Тополка е катастрофален
Угинати риби по брегот на Тополка сведочат за големиот помор кој викендов ја опустоши реката. Рибочуварот на кого вчера прв му јавиле за катастрофата вели дека кога стигнал покрај реката глетката била застрашувачка.
„Катастрофа, песок и земја не се гледаше од што беше прекрина со угинати риби. Се познаваше дека некои поголеми парчиња се обидувале да преживеат, но не успеале. Кога се наведнав да земам мостри и ги ставив рацете во реката почнаа да ме печат па претпоставувам дека е некоја киселина, но не знам кој би можело да биде загадувачот“, рече Машлак Шевкет.
Денеска реката ги однела по течението угинатите риби, но сеуште се чувствуваше миризба на останатата скапани парчиња кои се нафатиле на камењата на брегот. Државниот и општинскиот инспектор потврдуваат дека најпогоден е делот по течениетоод пашин мост до мостот кај затворот во оризари. За колкаво количество угината риба станува забор и кои се причините за сега не сакаат да шпекулират.
„Излеговме на терен, земавме мостри и од рибата и од водата и ги предадовме до министерството за екологија кое е надлежно за испитување. Резултатите од нивните испитувања ќе треба да го откријат загадувачот“, рече Билјана Шуркова Манаскова, општински инспектор за животна средина.
Од спортското риболовно друштво пак велат дека штетата е огромна бидејќи е во период на мрестење на дел од рибите и сметаат дека во овој дел реката сега е мртва, а загубата ќе се надокнадува со години.
„Апелирам да се казни загадувачот, но и да се натера да ја пориби реката во неколку наврати. Само така ќе се надокнади огромната штета“, рече Ѕвонко Мечалов, претседател на СРД Бабуна.
Од реката се наводнуваат и околните ниви поради што жителите од околните села велат дека можеби загадената вода може да биде опасна и за земјоделските култури. Инаку во овој регион работат неколку стопанства кои би можеле да бидат потенцијални загадувачи но испитувањата ќе треба да го откријат загадувачот. /Б.Н.